Илјадници луѓе протестираа денеска во Јужна Калифорнија против планираните масовни депортации на претседателот Доналд Трамп, јавија американските медиуми.
Протест имаше и во центарот на Лос Анџелес, каде демонстрантите ја блокираа главната улица. Демонстрантите се собраа на историската улица Олвера во Лос Анџелес, која датира од времето на шпанското и мексиканското владеење на градот, пред да се упатат кон Градското собрание. Тие повикаа на реформи во имиграцијата и носеа пароли на кои пишуваше: „Никој не е нелегален“.
Во попладневните часови демонстрантите ги блокираа сите ленти на еден од главните булевари, поради што сообраќајот беше запрен во двата правци.
Стотици луѓе протестираа и во градот Риверсајд. Возачите што минуваа свиреа и извикуваа во знак на поддршка на демонстрантите, кои вееја знамиња на една од градските раскрсници.
Во Сан Диего, стотици луѓе се собраа во близина на градскиот конгресен центар.
Во Далас, Тексас, околу 1.600 луѓе се приклучија на два протести против неодамнешните апсења од страна на Имиграциските и царинските органи на САД. Демонстрантите носеа мексикански и американски знамиња, а говорниците изразија бес поради реториката на Трамп и активностите на неговата администрација за зголемување на депортациите.