Шефицата на Набљудувачката мисија на ЕУ за изборите, Натали Лоазо, одржа прес конференција на која ги сподели своите впечатоци за изборниот процес во Косово, одржан на 9 февруари 2025 година.
Лоазо рече дека изјавите на емисарот на Администрацијата на Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, се интервенции што може да се оценат како недипломатски, пренесоа косовските медиуми.
– Сведоци сме на интервенции на американскиот емисар Ричард Гренел на социјалните мрежи кој го критикуваше премиерот Албин Курти и тоа може да се опише како нешто недипломатско, рече Лоазо.
Таа изјави дека и покрај ова, изборите поминале мирно и без поголеми инциденти.
„Сакам да им честитам на гласачите кои учествуваа на овие историски избори, први по целосниот пратенички мандат. Изборниот ден беше мирен и гласачите имаа можност да гласаат во добри услови. Тоа се сигнали дека граѓаните на Косово се посветени на демократијата“, рече таа.
Лоазо понатаму побара да има целосна транспарентност при пребројувањето на гласовите.
„Тешкотиите станаа очигледни во фазата на броење. ЦИК имаше предизвици при вработување, обука и набавка. Треба да има целосна транспарентност за оние работи што не одат добро и зошто“, рече таа.
Понатаму Лоазо рече дека за време на изборната кампања имало многу поларизации, и загриженост за јазикот што го користеше владејачката партија.
„Изборите, вклучително и денот на изборите, поминаа мирно и без забележителни инциденти, а кампањата беше доста конкурентна, но поларизацијата и длабоката поделеност беа очигледни во острата реторика на кампањата.
Забележавме употреба на поттикнувачки јазик и вербални напади на противниците, на митинзи и телевизиски дебати. Тоа се одрази и на социјалните мрежи, забележавме негативна реторика од владејачката партија кон медиумите и судството. Бојкотот на медиумите и дебатите исто така влијаеше на намалување на можноста гласачите да донесуваат информирани одлуки“, рече Лоазо.
Меѓу другите грижи, таа ги спомена и притисокот од членовите на Српска листа и мешањето на Србија во овој процес.
„Многумина пријавија и притисок од членовите на Српската листа и имаше континуирано и постојано мешање од Србија за време на изборната кампања“, рече Лоазо, шефица на Мисијата на ЕУ за набљудување на изборите во Косово.
Д. Т. / Цивил Медиа