Единствениот државен ПЕТ-скенер во земјата не работи веќе еден месец, оставајќи голем број онколошки пациенти без клучна дијагностичка процедура. Од опозициската СДСМ реагираат на состојбата, обвинувајќи ја актуелната власт за лошо менаџирање на здравствениот систем.
„Со месеци трае хаосот во македонското здравство поради неспособноста на министерот Арбен Таравари и Владата на ДПМНЕ. Најпогодени се онколошките пациенти, чии животи се загрозени поради катастрофалниот менаџмент. Откако со недели недостасува биолошка терапија на Клиниката за онкологија, сега еден месец не функционира ниту единствениот државен ПЕТ-скенер,“ се вели во изјавата за медиуми од Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според неа, пациентите се оставени без неопходното скенирање, поради што многумина се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се високи, или во здравствени установи во странство, што дополнително го зголемува финансискиот и психолошкиот товар.
Од СДСМ бараат итна одговорност од директорката на Клиниката за онкологија, Невена Маневска, како и од министерот за здравство, Арбен Таравари.
„Министерството за здравство мора веднаш да ја стави во функција дијагностичката апаратура и да обезбеди континуирано снабдување со неопходните терапии. Граѓаните не смеат да бидат жртви на неспособноста и негрижата на оваа власт,“ додава Цветановски.