Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја потврди својата цел да го укине владеењето на палестинската милитантна организација Хамас во Појасот Газа, јавија локалните медиуми.
Зборувајќи пред дипломците на израелските одбранбени сили (ИДФ), Нетанјаху рече дека Израел е „подготвен во секој момент да се врати во интензивна борба“, јави „Тајмс оф Израел“.
– Сите наши заложници, без исклучок, ќе се вратат дома, рече тој.
– Хамас нема да владее со Газа. Газа ќе биде демилитаризирана, а нејзините борбени сили ќе бидат разбиени … Победата може да се постигне со преговори или на друг начин, додаде Нетанјаху.
Војната во Газа беше предизвикана од терористичкиот напад на Хамас и други екстремистички групи во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа 1.200 луѓе, а повеќе од 250 лица беа земени како заложници.
Повеќе од 48.300 Палестинци досега се убиени во војната во Газа, според здравствените власти кои се под контрола на Хамас.
Договорот за прекин на огнот во повеќе фази, кој почна на 19 јануари, предвидува дека во текот на првата шестнеделна фаза, постепено ќе бидат ослободени вкупно 33 заложници во замена за 1.904 палестински затвореници.
Втората фаза од договорот треба да доведе до дефинитивен крај на војната и до ослободување на преостанатите заложници, но не е јасно дали тој навистина може да се спроведе, пренесува ДПА.
Хамас сака траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел. Израел инсистира на својата воена цел целосно да го уништи Хамас. Повеќе од 60 заложници се уште се држат во Појасот Газа, од кои за околу половина се верува дека повеќе не се живи.