Во време кога вештачката интелигенција (ВИ) станува клучен фактор во економскиот и општествениот развој, во Скопје е формиран „Интелигентна Хумана Иднина“ (И-ХИ) Тинк-Тенк, нов истражувачко-аналитички центар кој ќе се залага за етичка и одговорна употреба на ВИ.
И-ХИ Тинк-Тенк веќе го објави својот прв позициски документ „Вештачката интелигенција – Меч со две сечила“, во кој се анализираат потенцијалите, ризиците и можните регулаторни решенија за ВИ во Северна Македонија. Документот ја нагласува потребата од балансиран пристап – искористување на предностите на технологијата, но и заштита од социо-економските нарушувања кои таа може да ги предизвика.
Според И-ХИ, вештачката интелигенција на среден рок од 5-10 години може да донесе значителен напредок, но без соодветни механизми, таа исто така носи ризик од масовни отпуштања и зголемување на социјалните нееднаквости, манипулација со информации и влијание врз демократијата, недоволна регулација што би овозможила злоупотреба во економијата и политиката.
„Трансформативната, па дури и дисруптивната моќ на вештачката интелигенција веќе носи предизвици, особено во светот, каде што се нарушува пазарот на работна сила – особено кај техничките струки, туку и овде, кај нас, на пример кај социјалните медиуми . Мора да нагласам дека, иако ова не е доволно истражено, може да се заклучи од анегдотални примери, вели Валентин Нешовски, Претседател на Тинк-тенкот И-ХИ.
„Но ВИ не е непријател – напротив, тоа е најмоќната алатка што човештвото ја има создадено. Прашањето е: дали ќе ја искористиме за градење похумано општество или ќе дозволиме таа да ги обликува правилата без наша контрола?
Токму затоа го формираме овој Тинк-Тенк – да поттикнеме јавна дебата и да влијаеме кај носителите на одлуки. Наместо да се разбудиме во свет каде што ВИ ќе пишува закони, а ние ќе ги читаме во автоматски преведени верзии полни со грешки, можеме да создадеме општество во кое ВИ работи за луѓето, а не обратно“, велат од И-ХИ.
„Имаме добар тим од составен од луѓе кои се врвни во своите области. Петте оснивачи се стручњаци во своите области со над дваесетгодишно искуство и тоа во политичките науки, стратешките комуникации, информациските системи, дизајнот на процедури и развој на софтвер, до употребата на нови технологии во дизајнот и меѓународен стратешки развој во бизнис секторот. Мислам дека може да помогнеме“, вели Нешовски.
Во документот наречен „ВИ – Меч со две сечила“, Тинк-тенкот предупредува дека неконтролираното воведување на ВИ во различни индустрии може да доведе до драматични промени на пазарот на трудот, особено ако нема стратегии за преквалификација и социјална поддршка за работниците
Решенијата: Што препорачува И-ХИ?
За да се минимизираат ризиците, а да се искористат придобивките на ВИ, И-ХИ Тинк-Тенк предлага:
- Воведување национална стратегија за ВИ со јасни правни рамки
- Поддршка за образовни реформи кои ќе подготват идни генерации за дигиталната ера
- Социјална заштита за работници погодени од автоматизацијата, вклучувајќи дискусија за универзален основен приход
- Етички стандарди за употреба на ВИ во јавниот сектор, медиумите и индустријата
- Преземање мерки за борба против дезинформации и злоупотреба на ВИ во политички цели
- Создавање независно тело за мониторинг и надзор врз употребата на ВИ
„Вештачката интелигенција не е само прашање на технолошки напредок, туку и на општествена одговорност. Без внимателно планирање, може да се создадат нови форми на социјална нееднаквост и манипулација“, велат од И-ХИ.
И-ХИ Тинк-Тенк планира да соработува со експерти, владини институции, граѓански организации и лидери во индустријата за да помогне во развојот на регулаторна рамка која ќе осигура дека ВИ ќе им служи на граѓаните, а не обратно.
Организацијата исто така ќе спроведува истражувања, ќе организира јавни дебати и ќе учествува во креирање на политики за безбедна, фер и одржлива имплементација на ВИ.