Полициски час, прв обид. Целта беше, за време на полицискиот час да се стигне до ГТЦ дали има некој бездомник на кој му е потребна некаква помош или нешто друго, и да се виде како е центарот во ова време невреме коронавирусно.
Врнеше, онака тивко си росеше, но не беше ладно. Беше нешто после 23 часот. Милина за репортажа. Го запалив точакот и тргнав по велосипедска накај Железничка станица. Од опрема, на мене пар ракавици, заштитна маска која ја ставам само по потреба, ранецот и капче. Мамара тишина. Кај раскрсницата на Железничка беше тивко, како во некој апокалиптички нискобуџетен филм со лоша тонска обработка. Ти се чини некој си играл со еквилајзерите при монтажа и го заебал звукот. Направив обид да доловам нешто, не знам колку успеав, ама еве го клипчето:
Оттука се упатив накај Центар. На наредната раскрсница ме запре полициска контрола. Двајца полицајци коректно ме замолија да се легитимирам и ми побараа дозвола за движење. Скршивме збор два муабет, за тоа како оди, оние сувопарни репортерски прашања. Велат ок е нема гужва, можеби се претерало со давање на дозволи за движење и такви ствари. Може ли една снимка да правиме ги прашувам, љубезно ме замолија да баталам ако не е проблем и така и направив. Си имаа работа дечките. Си посакавме добра ноќ и успешна работа.
Се упатив кон комплекс Банки од страната на Веро Центар. Пред да ситигнам до Веро, непосредно кај раскрсницата ме пречекаа глутница од кучиња и онака одлучно ми кажаа – одби батка ќе те правиме партал, ова е наше време и место. Ме дружеа така агресивно педесетина метри дури јас го бичев точакот за назад оти напред одење немаше шанса. Издрмосерив и фотка да направам, тибам репортерот, ама душа мила. Се вратив и се обидов од страната на Комплекс банки, но истата судбина ме дочека, си се загнуваат мука немаат, пет-шест бабачковци, на – онолкави, потентно си мафтаа со опашките небаре на сред трло во овци си им влегол.
Направив обид и од улиците позади Веро некако да се пробијам, но и таму друга дружина со исто агресивно педигре.. Запалив точакот така побрзко и бегановиќ.
Мисијата неуспешна на два тркала. Утре со четири па да видиме какви се тоа ноќите низ Скопје за време на полициски час.
Се читаме околу полноќ
пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ