Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Во државата каде што и воздухот го мерат со административна мерка, конечно – и медиумите добија здраво бирократско осигурување: ако сакаш да бидеш онлајн медиум, има да си вработиш двајца. Ако не, лаптопот во торба и марш во нереалниот свет.
Нашите пратеници од македонското ни Собрание, без расправа, со 68 гласа ЗА и 8 ПРОТИВ си ги изгласаа Измените и дополнувањата на Законот за медиуми.
Собранието, во чин на демократско просветление, изгласа дека доволно е да си гласен, ама само ако си регистриран, уредно пополнет и со две плати на грб. Зошто две? Затоа што така пишува. А зошто тројца прво? Затоа што така сакаа. А сега – еве ви попуст.
Оние мали портали што се обидуваа да зборуваат нешто за непотизам, корупција, за локални афери, за тоа дека некој таму на некоја функција има повеќе фирми отколку читања на Библија – е па тие… немаат двајца вработени. Значи не се медиуми. Значи не се релевантни. Значи не постојат.
Законски – никој не ги забранува. Само што нема да се сметаат за медиуми. Не ќе можат ни политичка реклама да пуштат. Ќе мора да гледаат како регистрираните портали се борат за владина реклама и буџетски субвенции, со патетична надеж дека и тие еден ден ќе станат „вистински медиум“.
За оние со „мал или специјализиран опфат“ – еве ви олеснување: еден вработен и еден хонорарец. Еве, не сме ѕверови, велат властелините. Само сакаме да знаеме точно кој, каде, како, кога и со кого објавува текстови. Превентивно. Демократски. За ваше добро. За да не се појави некој случаен портал и да почне да зборува работи што никој не го прашал, и не дај боже да каже нешто против Мицкоски и владата.
Законот сега јасно вели: слободата на изразување важи – ама само ако си во табелата на АВМУ. Надвор од табелата – ќе ве сметаат за дигитални теоретичари на заговор.
Така реши власта, на предлог на Героски и други медиумски душегрижници.
Читам ги искара Геро и новинарското здружение и синдикатот на новинари. Вели Геро – браво Премиере, браво дигитален министре.
Ура! Сега сме новинари, сега сме медиуми, триумфално величи доајенот ви новинарски.
А во медиумите молк за оваа. Ништо страшно нели, нека се чистат критичарите.
Затоа, почитувани мали портали, ако сакате да опстанете – вработете двајца. Или уште подобро, вработете тројца, па пријавете се и за тендер. А ако не – тишина. Големите медиуми ќе зборуваат наместо вас. Како и досега. Само сега е легално.