Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изрази изненадување од судската пресуда со која е осуден на три и пол години затвор. Тој тврди дека станува збор за политички мотивиран процес и најави жалба до Апелацискиот суд.
„Навистина сум шокиран. И покрај тоа што имавме цврсти докази во наша корист, судот донесе пресуда со која ме осудува на четири години, со конечна затворска казна од три години и шест месеци. А немаше ниту еден доказ дека сме сториле кривично дело“, изјави Јакимовски.
Според него, предметот се однесува на легализација на две монтажни бараки изградени од гипс-картон, кои, како што нагласува, биле во согласност со сите пропишани стандарди. Тој додава дека станува збор за времени објекти за кои, според закон, не може да се води кривична постапка.
Јакимовски, исто така, обвини дека обвинителството користело фалсификувани документи, чие невалидност, како што рече, била утврдена со вештачење – но судот тоа не го земал предвид при носењето на пресудата.
Toj е осуден на три години и шест месеци затвор за две кривични дела злоупотреба на службена положба, додека поранешен вработен во општината доби условна казна во траење од две години. Пресудата не е правосилна, а Јакимовски има право на жалба до Апелација.
-Основниот кривичен суд Скопје, денеска ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 157/21 против С.Ј. и Т.Ѓ., со која двајцата обвинети ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и ги осуди на начин што: С.Ј. се осудува на единствена казна затвор во траење од 3 години 6 месеци, додека Т.Ѓ. му изрече алтернативна мерка – Условна осуда во траење од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело, соопшти Kривичниот суд.