Во текот на вчерашниот ден, граѓани од Охрид доставиле до здружението Ohrid SOS фотографии од риболовци кои, според нивните наводи, работат за концесионерот на риболовната зона „Воска“, која се протега од Канео до Подмолје. Оваа зона, според јавно достапните податоци, е доделена на фирмата „Питон“.
Според Риболовната основа усвоена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на 24 октомври 2024 година, крапот има период на мрест во месеците април, мај и јуни. Во согласност со Законот за рибарство и аквакултура, член 37, риболовот во време на природен мрест е строго забранет.
Со изведување риболов во овој период, концесионерот директно го прекршува законот, укажуваат од Ohrid SOS, додавајќи дека надлежност за надзор има Државниот инспекторат за земјоделство. Дополнително, риболовот за време на мрест се смета и за повреда на член 21 од Законот за заштита на природата.
Од здружението информираат дека поднеле претставки за вонреден инспекциски надзор до Управата за животна средина и до Државниот инспекторат за животна средина, со барање итно да се постапи по случајот и да се преземат соодветни мерки за заштита на езерската биодиверзитетска рамнотежа.
Соопштението го пренесуваме во целост:
„Во текот на вчерашниот ден наши сограѓани ни споделија фотографии направени од рибари кои работат за концесионерот од Канео до Подмолје, односно риболовната зона „Воска“. Од информациите кои се јавно достапни, концесионер на оваа зона е фирмата „Питон“. Според табела 6 поместена во Риболовната основа за управување и користење на рибите и другите водни организми во риболовното подрачје Охридско Езеро, донесена од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на 24.10 2024 година, периодот за мрестење на крапот е IV, V и VI месец.
Во Мерките за заштита на рибите и други водни организми во Законот за рибарство и аквакултура, член 37, став 1 стои дека „риболовот се врши во текот на целата година, освен во времето за забрана во периодот на природен мрест на рибите и другите водни организми“. Според ова, концесионерот го прекршил овој член од законот, изловувајќи крап во период кој е забранет со закон, бидејќи е период за мрест. Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Државниот инспекторат за земјоделство преку државни инспектори за земјоделство.
Со изведување на риболов во мрест, концесионерот воедно го прекршил и член 21 од Законот за заштита на природата. Доставена е претставка за вршење вонреден инспекциски надзор и до Управата за животна средина и до Државниот инспекторат за животна средина.“