Дозволата за привремен престој го легализира престојот на странец во Северна Македонија или друга земја или членка на ЕУ што ја издала. Во основа, тоа е потврда за идентитетот на носителот и „пропусница“ за повеќекратна посета за преминување на границата. За да се добие дозвола за престој, мора да се исполнат условите пропишани во политиката за миграција на избраната земја.
Без образложение, Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија реши да ги покачи цените на обрасците што ги издава за постојан престој на странец и за привремен престој на странец.
Според објавеното во „Службен весник“, образецот за постојан престој кој досега чинеше 190 денари – од 10 април чини 6.150 денари. Образецот за странец кој бара привремен престој во Македонија наместо досегашните 190 денари чини 4 илјади денари.
– Врз основа на секојдневното зголемување на обемот на поднесени барања за обработка, за издавање на дозволи за престој во Република Северна Македонија на лица странци по сите основи (вработување, студирање, школување, семејно обединување, волонтирање и др.) предвидени согласно одредбите од член 71 и член 129 од Законот за странци (Сл.в. РМ бр.97/18, Сл.в. РСМ бр.108/19, 294/21 и 284/23), како и зголемениот обем на работа и временски период на обработка на истите, следствено на горенаведеното, а со оглед и на фактот дека поради тоа Министерството за внатрешни работи се соочува со зголемена потрошувачка на ресурси врз основа на гореспоменатата констатирана состојба, се предложи и усвои измена на Решение за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи (Сл.в. РМ бр.48/15) во дел I став 1 во точка 30 и во точка 32, соопштија од МВР.
Постојан престој е престој кој му се одобрува на странец кој најмалку пет години пред поднесувањето на барањето за одобрување постојан престој непрекинато престојувал на територијата Северна Македонија врз основа на одобрен привремен престој. Условот за пет години непрекинат престој во Северна Република Македонија се смета дека е исполнет ако странецот во периодот од пет години пред поднесување на барањето за постојан престој не престојувал надвор од Северна Македонија шест последователни месеци или во временски период што во вкупно траење не надминува десет месеци.
Привремен престој е дозвола за престој која му се издава на странец кој има намера да престојува во државата подолго од 90 дена, врз основа на следните основи: работа (вработување, сезонско вработување и упатување на работник), школување или студирање, учество во програми на меѓународна размена на ученици или студенти, специјализација, стручно усовршување или практично оспособување, волонтирање, научно-истражувачка дејност, лекување, сместување или згрижување во установи за стари лица, семејно обединување или хуманитарни причини, како и на странец кој е член на потесното семејство на државјанин на Македонија, странец кој по потекло е од Македонија, дете на странец родено во кој поседува недвижен имот во Македонија, во износ од најмалку 40.000 евра, како и на странец – жртва на трговија со луѓе.
Дозвола за престој од неколку земји од регионот
Албанија
Албанија издава повеќе од осум видови дозволи за престој на странци. Во зависност од намената, картичката за дозвола за престој може да биде за еднократен влез или обновлива. Таксата за услуга за привремен престој и за семејно обединување, кога се издава за прв пат, е 45 евра, додека во случај на обновување е 23 евра.
Босна и Херцеговина
Босна и Херцеговина издава повеќе од седум видови дозволи за престој на странци во земјата. На пример, за работа, студирање или лекување. Исто така, картичка за дозвола за престој се издава на оние кои поседуваат имот во земјата. Таксата за услуга за привремен престој и за семејно обединување, кога се издава за прв пат, е 60 евра, додека во случај на обновување е 30 евра.
Црна Гора
Црна Гора им нуди на странците осум опции за добивање дозвола за престој. Еден услов е подносителот на барањето да мора да дојде во земјата за да аплицира за статусот. Таксата за услуга за привремен престој кога се издава за прв пат, е 25 евра.
Видови дозволи за престој во Европа
Постојат два вида дозволи за престој: привремени и трајни. Дозволата за привремен престој мора да се обновува во одредени интервали, како на пример еднаш годишно во Швајцарија.
Постојаниот престој не истекува; треба само да ја обновувате вашата лична карта на секои пет години. Носителите на постојан престој имаат речиси исти права како и граѓаните на државата. Тие можат да живеат, да работат, да водат бизнис и да уживаат бенефиции како што е бесплатно испраќање на своето дете на училиште. Главното ограничување е што не можат да учествуваат на избори и да извршуваат јавни функции.
Повеќето начини за добивање дозвола за престој се поврзани со одредени услови: брак, работа или студирање. Исто така, барателот на престој мора да живее во земјата повеќе од 183 дена во годината за да го задржи статусот.
Во 2023 година, земјите од Европската унија издадоа 3,7 милиони дозволи за престој, што е зголемување од 4,7% во однос на 2022 година и најголем број досега. Според Евростат, 33,8% од дозволите се издадени за работа, 26,4% од семејни причини, а 14,3% се издадени на лица кои дошле во ЕУ за студирање, што е општ тренд на миграција.
Дестан Јонузи