Инженери на Република Македонија (ИНРМ) реагираат на предлог-одредби во новиот Закон за енергетика, предупредувајќи дека тие сериозно го нарушуваат уставно загарантираното право на неповредливост на домот и приватноста на граѓаните.
Во соопштението на ИНРМ се посочува дека законот предвидува овластени лица од операторите на системите за електрична енергија, гас и топлинска енергија да имаат право на пристап до делови од приватниот имот каде се наоѓаат мерните уреди — без судска наредба. Дополнително, на граѓаните кои ќе го оневозможат пристапот им се заканува парична казна од 250 евра.
„Ова законско решение отвора сериозни прашања за усогласеноста со Уставот“, наведуваат од ИНРМ, потсетувајќи дека член 26 од Уставот гарантира неповредливост на домот, која може да биде ограничена исклучиво со судска одлука и само во строго определени случаи, како спречување на кривични дела или заштита на јавното здравје. Според нив, законските измени не ги исполнуваат овие услови и дозволуваат технички или комерцијални интереси на компании – често странски или приватни – да имаат предност над правната заштита на граѓаните.
ИНРМ апелира до пратениците во Собранието да покажат „чувствителност кон ова суштинско прашање“ и да обезбедат усогласување на законската рамка со темелните човекови права и слободи.
„Ова не е само прашање на енергетиката, туку на темелната гаранција дека домот и приватноста на секој граѓанин се неприкосновени“, нагласуваат од ИНРМ.