– Утрово добив информација дека имало незадоволство околу почетокот на сеидбената сезона во делот на оризопроизводството. Затоа денеска дојдов тука на работен состанок со оризопроизводителите за да разговараме за наводнувањето, околу почетокот на сеидбата, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Чешиново Облешево.
„Заедно со директорот на АД Водостопанство, во чија надлежност е пуштање на водата до оризовите полиња сме помеѓу земјоделците. Утрово директорот на Управата за хидрометеоролошки работи ме извести дека во наредниве денови ќе имаме интензивни врнежи што значи дека хидролошката состојба ќе се подобри“, појасни тој.
Министерот посочи дека заедно со директорот на АД Водостопанство ќе разговараат со земјоделците бидејќи од нивна страна имаше барање високите зони, песокливите површини да бидат ненасеани со ориз, а се останато да биде покриено вода.
„Информацијата што ја разменивме заедно со директорот со земјоделците е дека водата уште денеска ќе биде пуштена за да се запазат оптималните рокови кои согласно науката велат дека треба до 15-ти мај да се заврши сеидбата. Така да во делот на она што значи поплавување со површини на вода очекувам дека нема да има проблем, земјоделците треба да бидат спокојни“, додаде министерот.
Оризопроизводителите утрово го блокираа магистралниот пат во селото Облешево, незадоволни се од состојбата пред почетокот на сеидбата.
Оризопроизводителите од населените места во општина Чешиново-Облешево денеска излегоа на протест и со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента од магистралниот пат Кочани – Штип за да го изразат незадолството од актуелните политики на почетокот на сеидбената сезона.
На протестот земјоделците изнесоа три барања за кои очекуваат брзо исполнување од надлежните институции, а го повикаа премиерот Христијан Мицкоски на средба со нивни претставници кои ќе го запознаат со лошата состојба.
Поврзано:
Оризопроизводителите незадоволни – го блокираа магистралниот пат во селото Облешево