Дваесет и пет годишниот Е.О, странски државјанин, е убиен синоќа во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип, потврдија за МИА од Клиничка болница-Штип. Во болницата е донесен без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни. Лицето кое синоќа пукало во починатиот е уапсено. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО)-Штип соопштија дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.
– Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани. Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор, се вели во соопштението на ОЈО-Штип.
Посочуваат дека се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска.
На социјалните медиуми после полноќ се појавија и видеа на кои се гледа дека возило ја пробива рампата на едната од патарините на автопатот Штип-Скопје. Инцидентот во СВР-Штип е пријавен во 21.30 часот.
Лицето кое синоќа го уби 25 годишниот Е.О, странски државјанин, во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип е уапсено, информираат од Јавното обвинителство.
-Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено. Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка, се вели во соопштението од обвинителството.