На Фронтлајн, во сабота, го претставуваме романот „Кругови“ издание: „Или-Или“ на авторката Тина Иванова.
Ова е современа книга – новела која обработува неколку ликови коишто живеат надреален живот, меѓутоа чие поведение, е поттикнато од објективните општествени, политички и социо-културни случувања. Нејзината кружна симболика потекнува од ликовите коишто тргнуваат од едно место и повторно се враќаат на истото тоа место, без притоа да ја остварат целта што си ја замислиле – да ја изживеат сопствената револуција.
Како што ќе напише рецензентот на оваа книга, д-р Александар Прокопиев, „она што го одликува кусиот роман ‘Кругови’ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на ‘Кругови’ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.
„Кругови“, затоа што асоцира на почетокот и на крајот на животот, на повторното раѓање и повторно умирање.
1 ДЕЛ | 2 ДЕЛ | 3 ДЕЛ | 4 ДЕЛ | 5 ДЕЛ | 6 ДЕЛ | 7 ДЕЛ | 8 ДЕЛ | 9 ДЕЛ
ЈАС И ТИ
Доаѓам кај тебе дома. Носам вино и лажам дека само што сум се вратила од некоја промоција на „Тиквеш“. Всушност, виното го купив за да пиеме, за да соберам храброст да ти кажам што чувствувам, за да те бакнам. Се облеков убаво, не премногу секси, ама ги истакнав оние делови од телото за кои мислев дека ми се шармантни и дека на мажите им се допаѓаат.
Долг црн фустан од трико, со широко деколте, моето деколте е бело, нежно, со една поголема бенка на градната коска која ми стои напрчена и желна за лижење. Косата ја фатив во пунџа за да ми се открие долгиот врат, како во ренесансните слики, а оставив неколку прамени кои ми го галеа лицето. Сакав да изгледам како Венера на Ботичели кога тој ќе ми ја распушти косата во веселите мигови на водење љубов и кога ќе ми го растрга грациозниот фустан. Бев малку полничка, ама издолжено полничка, со долга виткана коса, црвена и густа. Ликот ми беше нежен, но со бунтовен поглед, и особено во миговите кога флертував, очите ми изгледаа зашеметено. Немав многу шминка, некоја дискретна. На нозете балетанки. Стапалата ги средив, се намачкав со темноцрвен лак кој според светските стандарди за мода е најсекси, барем така ми кажа девојката од салонот за убавина, инаку јас немам некој однос спрема модата.
„Може ли да ги соблечам балетанките“, го прашав. „Многу ме болат нозете, сакам малку да ги одморам“. Сакав да ми ги види стапалата. Мислев дека мажите се згрозуваат од грди стапала, па ако него му е О.К. тој дел од мојата однапред испланирана вечер, тогаш можам да продолжам понатаму. Знаев дека ќе му се допаднат.
„Секако дека можеш“, ми рече, и додека ги соблекував, потајно гледаше во нив. Ги зеде балетанките и ги смести во ходникот. Си реков, штом не му се згадува да ги допира, значи барем малку ме посакува. Седнав на фотелјата, беше удобна, мека, темнозелена, од оние старите од осумдесеттите, ги вкрстив нозете, го подигнав малку фустанот, со гест дека ми е топло, запалив цигара додека тој ми ја принесуваше чашата со вино и го прашав: „Ќе почнеме?“
Франц беше еден од најзгодните мажи што ги имав запознаено досега. Но, тој не мислеше така за себе, па затоа другите, и особено девојките, велеа дека е педер, или дека е луд. Инаку, не би имало причина да не ги погледнува. Тој беше само срамежлив, не беше нахален, ниту, пак, арогантен, не беше горделив и самобендисан, беше скромен, не се чаламеше, си ја бркаше својата работа, така беше воспитан, колку што знаев, а не знаев многу за него, ниту јас ниту кој било друг, да го почитува семејството и религијата. Немаше многу пријатели, двајца-тројца познајници, и тие знаеја да го зезаат за неговите молитви кои заедно со мајка му ги практикувал во шпајзот.
Живееше во мала куќичка, две соби, кујна, бања и шпајз. Шпајзот беше адаптиран во црквичка, имаше внатре неколку икони, една на св. Петка, една од Исус и една од св. Никола, неколку свеќи и столче тапацирано во бордо.
Го крстиле Франц по Франц Кафка, како некоја симболика за да преживее. Кафка Франц бил првото машко дете кое останало во живот по смртта на двете машки бебиња на Херман и Јулија. Мајка му на овој нашиов Франц, исто така, ги изгубила двата сина, првото починало на породување, второто на една година од некој тумор на мозокот. Затоа Франц беше строго чуван, под будното око на мајка му особено, па заедничките молитви, си реков, не биле бадијала.
Со Франц требаше да работиме на некој негов магистерски испит по антропологија. И тој си стави вино. Пиеше многу бавно. Ама испи многу како за неговото кревко здравје, барем кревко изгледаше. Пиев и јас, а од помошта за магистерската, очекувано, немаше ништо. Се отпуштив премногу, собрав сила и се залетав да го бакнам. Ме поттурна со раката, стана и почна да шета низ собата лево-десно. Се претвори во мистер Хајд. Беше агресивен, мислев дека ќе ме удри.
„Јас ја сакам мајка ми“, ми рече гневен. „Не ја сакам, ја посакувам. И ти?! Ти што седна на таа ебена фотелја, на таа фотелја еднаш за малку ќе водевме љубов! Таа фотелја ми значи!“
Всушност, Франц за целото ова време, за сета своја младост глумел невина рамнодушност. Играл на картата површна безизразност.
„Колку тешко е тоа“, си помислив. „Колку храбар потег во едно репресивно време!“ Беше гневен, ама истовремено и сензитивен, беше и груб, но неговото ангелско лице, брилијантно, совршено, не можеше ѓаволот да го поткупи. Беше навистина збунет.
Беше болен.
„Го виде шпајзот нели? Молитвите не се поврзани со никакво верување во Господ. Иконите се само привид, само лажна слика за остатокот од светот. Тапацираното столче е нашата сексуална играчка. Таму се случуваат нашите тајни. Таму се галиме, но никогаш не дошол моментот да го направиме тоа до крај. Извини Марта, но јас не те сакам, не те ни посакувам, не те сонувам, не си ми во мислите. Ти не ни знаеш како растеше мојот пенис. Само мајка ми ја има таа чест и привилегија. Само мајка ми знае како да ми го измие. Има посебна техника за тоа, ми ја трга кожичката нежно, му ја гали главата елегантно, го премачкува со бебешки сапун, и го измива со топла вода. Потоа го дезинфицира со својата плуканка, го зема на врвот од усните, го лиже сè додека не свршам. На крај ќе ми рече: Сега ти е чист. Облечи се“.
Читав дека и Бодлер имал страстен однос со својата мајка, ја сакал поради нејзината елеганција. Но, Франц ми рече ја сакал зашто е единствена. Единствена жена во неговиот живот.
„И да, се молиме, се молиме за да издржиме до крај!“
Шокирана, немо го слушав и го сожалував. Ми минуваа низ главата змаеви мисли кои фрлаа оган. Во телото ме удираа грмотевици. Не можев да му помогнам. Веќе беше доцна за тоа.
Поминаа неколку месеци по ова одвратно искуство за мене. Долго размислував за Франц, дали некому да соопштам, како да го спасам, дали повторно да му се јавам. Читав нешто и психологија, наидов на слични, па и исти видови општење меѓу родител и дете, особено меѓу мајка и син, иако почесто татковците биле оние кои на крајот завршувале на гилотина поради нивниот сексуален однос со своите ќерки, додека мајките го туркале својот живот завиен во најзабранетата тајност, поретко биле откривани… Ми се гадеше од сите и од сè.
„Има премногу скриени вредности, доблести и добрини на овој свет жено, но има и премногу прикриено зло кое светот повеќе не може да го издржи, светот е при крај, а и којзнае повеќе што е добро, а што е лошо, се измешаа работите“, ќе ѝ кажеше Миро на мајка ми.
Му го видов ангелското лице во весник. На страницата наменета за некролози. Починал Франц Г. Сакав да ѝ се јавам на мајка му, сакав моите долги нокти да ѝ ги заријам во очите, да ги изеде, да ѝ кажам: „Лижи сега курво проклета, лижи си ги твоите искрвавени очи со кои требаше да го гледаш ова твое дете, со кои требаше да му се смееш, да му го покажеш патот јасен и чист!“
Сакав со најгрубиот нож да ѝ ги сечам рацете да се мачи додека не ѝ паднат од гнилите коски, да ја прашам: „Што ќе галиш сега ламјо одвратна, што ќе допираш змијо?!“, сакав да ја мачам, да пати, да умре.
На страницата број четири, наменета за црните хроники, ја видов и неа. Полицијата ја фатила во грозоморниот чин. Доживотна робија. Франц се обесил во шпајзот. Во стравотниот миг му помогнало тапацираното столче во бордо.
Станав од прекрасната зелена и удобна фотелја. Телото ми тежеше. Во станот морничаво татнеше тишина. Ги побарав балетанките во ходникот, да ги облечам, да си одам. Беа искинати од носење, имаше на нив некаква патина, иако не разбрав како настанала. Стапалата ми беа закржлавени и додека се обидував да ги исправам прстите, на подот во ќошето најдов едно клуче обележано со црвен лак. На него писменце: „Отвори си го сандачето. Ф.“
„Драга моја Марта. Драга моја непрежалена. Можеби ќе го прочиташ ова нешто кое за тебе го напишав. Само тебе ти верував, знаев дека ме сакаше, можеби повеќе ме посакуваше, но… Ова нешто како дневник, можеш и да го објавиш како роман, како раскази, како што и да е. Сеедно ми е. И онака сум мртов. Сакав тебе да ти ја соопштам мачната вистина. Ја сакав мојата мајка, се разбира. Како и секое дете. Ја сакав уште повеќе што заедно со мене ја делеше мојата мака. Мајка ми Правда роди три фалични деца. Првото ѝ го убиле откако го родила, немало пенис. Второто, исто така, немало полов орган, решила да го роди, му направиле во првата година неколку операции и починало од компликации. Третиот бев јас. Правда решила да ме одгледа таков каков што се родив. Без пенис. Татко ми ја напуштил по таа одлука, од срам. Приказните што ќе ги најдеш понатаму на овие страници се мојот живот до сега. Можеш и да ги уништиш. Инаку, ти беше мојата голема љубов, сакав само тоа да го знаеш… Иако се чувствував како жена… Но, мајка ми Правда, колку што ја сакав, толку и ја мразев. Ја мразев и постојано ја прашував зашто токму мене од сите тројца… О, мајко, зошто мене?“
Франц избра да лаже за сексуалното општење со својата мајка. Сакаше да ја казни. Полицијата ја фатила Правда во чинот додека му помагала да го стави лажниот пенис.
Се решив да не му го издадам дневникот. Тоа ми беше само инспирација за неколкуте труда што ги напишав на тема: „Крајот на еден сакан свет, по апокалипсата која сите ја чекаме или за канцерогениот тумор што ги зафати клетките на нашите соништа“.
И Франц беше еден од оние редовни купувачи на книги. Бараше и порно литература, секогаш правдајќи се дека му треба за неговата антропологија, демек, преку тоа поподробно ќе го проучел развојот на човечкото суштество, барајќи идентична симболика меѓу димензиите на пенисот и на сето она што нас нè прави да бидеме луѓе. Мајка ми, која знаеше дека ми е симпатичен, еднаш ми спомена да не кажувам на никого, но Франц ѝ се доверил дека сака еден ден да стане премиер или претседател.