ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home УМЕТНОСТ РАСКАЗИ

ФЕЉТОН: „КРУГОВИ“ – роман на Тина Иванова, 11 ДЕЛ

May 17, 2025 10:21
in ZOOM IN, ДЕНЕС, КУЛТУРА, РАСКАЗИ, ФРОНТ
Генерирано со ВИ

Генерирано со ВИ

Share on FacebookShare on Twitter

На Фронтлајн, во сабота, го претставуваме романот „Кругови“ издание: „Или-Или“ на авторката Тина Иванова. 

Ова е современа книга – новела која обработува неколку ликови коишто живеат надреален живот, меѓутоа чие поведение, е поттикнато од објективните општествени, политички и социо-културни случувања. Нејзината кружна симболика потекнува од ликовите коишто тргнуваат од едно место и повторно се враќаат на истото тоа место, без притоа да ја остварат целта што си ја замислиле – да ја изживеат сопствената револуција.
Како што ќе напише рецензентот на оваа книга, д-р Александар Прокопиев, „она што го одликува кусиот роман ‘Кругови’ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на ‘Кругови’ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.

„Кругови“, затоа што асоцира на почетокот и на крајот на животот, на повторното раѓање и повторно умирање. 

1 ДЕЛ | 2 ДЕЛ | 3 ДЕЛ | 4 ДЕЛ | 5 ДЕЛ | 6 ДЕЛ | 7 ДЕЛ | 8 ДЕЛ | 9 ДЕЛ | 10 ДЕЛ

ПУСТИНА

Морис умре, го замотаа во црна кеса, го пикнаа под земја, му прочитаа молитва, иако тој беше атеист и желба му беше на неговиот погреб да не се вика поп, да бидеме само ние, неговите најблиски, и никој друг, сакаше дури и да се кремира, ама за тоа требаше да го испратиме во странство, а тоа чинеше пари. Во самотијата решив да заминам, секако, со мене ги зедов и Тигар и Лена, моите малолетни деца.

„Магарицо проклета, ти го уби син ми!“ Последните зборови на мајка му ги слушнав во далечината додека заминував. Се качив во автобус и не го знаев правецот на моето заминување. Ништо не понесов со себе. Баш ништо.

Морис го убија во спалната соба на спиење. Двајца беа, им ги видов лицата, едниот го познавав, заедно „работеа“, другиот првпат го видов. Го заклаа како кокошка додека рчеше. Холивуд.

Се симнавме во пустина. Страшна, нема, неплодна земја во која немаше ништо и никого. Сонцето ни ги одзеде силите и мене и на моите дечиња. Кого да носам на грб сега, се прашував. Најдов само еден најлон, ветерот го одвеал од соседните ниви наваму. Ја легнав Лена на него и ја влечев по земјата, додека Тигар го качив на грбот. Жедта беше логично следствена. Мојата плуканка, таа која ми остана во устата им ја подарив. Врескаа и двајцата, но повеќе не ги ни слушав, само одев, одев со сета тежина на мене.

Одеднаш Проспер! Проспер, нашиот Змеј! Толку се израдував кога го видов што мојата пот се претвори во бистра вода, а моите деца расцветаа во пустината.

ЛЕДЕН И КРВАВ

Леден и Крвав ги запознав во болницата. Пишував, како што ми рекоа, но на крајот завршив меѓу белите ѕидови. Додека чекав да дојде на ред моето капење, седев на клупата. Секогаш си ја замислував мојата клупа, онаа пред малото чешмиче во дворот на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Леден и Крвав беа седнати до мене на тревникот. Си правеа, демек, пикник. Тоа, сепак, им беше дозволено. Но, не сакав со никого да се плеткам, само го слушав разговорот кој ме поведе кај нив во друштво.

Леден: Зеде од саламата?

Крвав: Зедов од колбасите бе, не ми дадоа мене салама.

Леден: Јас си зедов од пудингот. Стави ми и мене сок.

Крвав: А, бе Леден, смрдиш бе ко расипано месо.

Леден: Не, тоа е од сокот. Гледам мраааавки, сите ве гледам ко мрааааавки.

Крвав: Можда ти увалиле нешто во сокот овие кретениве. Ја не ги пијам ги ставам во чмарот после ги серам. Затоа ми е мозокот чист, прочистен.

Леден: Што не кажа бе? Ииии, колкава ти е еј?

Крвав: Што бе?

Леден: Па, устата бе. Немој да ми плукнеш во пудингот ти мравја киселино, да не умрам еј?

Крвав: Умри бе и онака си ми преку глава, ја со онаа ќе си правам пикник, ја гледаш дебелана?

Леден: Уаау, оваа е матица еј. Оваа е од оние праисториските, од пред 130 милиони години.

Крвав: Па, мудра е бе, ќе ми раскажува, а не ко тебе само глупости да тресе, ајде умри си што чекаш и онака овде ќе цркнеме.

Леден: Јас ќе си умрам како мравка. Е, сега ќе си напраам мравјалник, ако ништо друго, внатре ќе ми биде чисто, ќе си најдам јас други пријатели.

Леден стана од ќебето, го истури сокот, зеде една лажица и почна да копа во земјата. Истрча една од сестрите и викна: „Овој пак копа, пак ќе се закопува!“.

Дојдоа стражарите и го однесоа. Толку од пикникот.

По неколку дена се разбра дека Леден го отпуштиле од болница, дошла некоја негова тетка и сакала самата да се грижи за него. Долго време чувствувала дека треба преку Леден да му го врати долгот на својот брат, татко му на Леден, кој бил невиден скот. Многу го малтретирал, а кога не сакал да јаде, му ставал мравки во устата. Сè беше јасно, беше разбирлива халуцинацијата на Леден, кој всушност се викал Леви, но татко му му го дал ова ново име зашто не покажувал никакви емоции. Не знам дали Леден ја дочека слободата, таа прекрасна слобода за која сите копнееме, за која и јас се борам и секогаш во мојата фантазија се гледам искачена на највисокото дрво во Сомалија, а ветерот ми е храна. Затоа не ги сакам формите. А, Леден, Леден само сакаше да биде мравка, сакаше да биде долу. Скромно, за некого понизно, за други доблесно.

Крвав, пак, Крвав да ти бил анархист. Што за него значело тоа подоцна ми раскажуваше еден од докторите кој ми се пушташе, па користев можност да го распрашувам за сите, да трачарам, да фаќам сеир, зашто умирав од досада. Крвав го нарекле некои кои, како што тој кажувал, не го разбирале во неговите погледи кон животот, политиката, власта, парите, природата…

И Крвав си ја барал слободата, ама не им досадувал на другите како Леден, кој многу зборуваше, туку во својот двор во Дебар Маало си инсталирал кревет за сецирање направен од старо железо што го собирал во гаражата како хоби, па со секоја глупост што според него ќе ја направел некој од власта, земал по некое животно, што ќе најде, куче, мачка, птица, и вршел аутопсија според негови методи. Аутопсијата ја правел како јавен настан, печател плакати, флаери, на неговиот домашен принтер, на кои ги канел сите заинтересирани во живо да го проследат неговиот, како што го нарекувал, анархистичко-уметнички перформанс. На крајот, деловите од телата ги виткал во салфети и ѝ ги делел на публиката да ги јаде, како десерт, за да ја почувствувале, како што пред почетокот на настапот најавувал, сета гадотија на оние што ни ја креираат државата, на оние што ни ја одземаат слободата, на оние што ни ги валкаат мислите, а тие се, всушност, не оние што ги гледаме на екраните, не оние што исправени како Фирерот кмечат пред Собранието, туку тие зад нив, оние Вистинските човекојадци, според Крвав, „јадачите на души“.

Некои од редовните посетители кои тежнееле да бидат дел од таканаречениот андерграунд јаделе па повраќале, други знаеле ужасени да избегаат со пцуење, а некои од реалистите и да викнат полиција. Така една вечер полицијата дошла со болничка кола и Крвав го сместиле во Психијатриската болница Бардовци. Соседите не можеле повеќе да ги поднесат стратешко-секташките состаноци, како што ги нарекувале, „состаноци на неразбраните и лудите“.

„Јас имам чиста мисла“, седна до мене Крвав на клупата, ми се правдаше, јас ништо не го прашав, изгледа ме сети од погледот кој му го упатив. „Не сум за овде, не сум за никаде, туку сакав да го гледам мојот пат до крајот, да бидам сведок, да бидам буден додека ги правам моите чекори до смртта. Мртов е мојот син, го претепаа на еден од политичките митинзи зашто бил пијан, па викал против оној што држел говор на бината. Е, за тоа му го одраа најпрвин лицето, а потоа се зарази во болницата од некоја инфекција. Долги години страдав, но сега, кога ми атрофираа мускулите, кога срцето ми ја испи и последната солза, сега сакам да му возвратам на животот кој ме згази, на мој уникатен начин. Немој да мислиш дека ги мразам животните, ама не сакам да им го одземам животот на луѓето, сакам и тие да видат што е страдање, а мачките, тие и онака ќе завршат под нечија кретенска кола. Те гледам и тебе, те гледам како лебдиш во својот безвоздушен простор, дека ги броиш минутите до крајот и се прашуваш: До кога? Имам идеја, двајцата самите да си ја нацртаме линијата, сакаш?“

Размислував дали да му подадам рака на Крвав. Поминаа еден, два, три дена, помина една недела, тој ме чекаше и кога на паузите ќе ме здогледаше, ликот му добиваше форма на прашалник, демек, дали сум решила. Еден пеколен ден, сончев, тежок, му кимнав со главата со потврден одговор. Во одлуката ми помогна вжештеното сонце. Секогаш бегам од него.

СЕСТРАТА БЛИЗНАЧКА

Заминаа дедото и внуката зад бензинската пумпа кон новите и грди зградички што ми го наквасија со гомна моето драго и неизживеано маало. Такви лепешки нема да сретнете ниту на запуштениот кеј на Вардар, ниту, пак, во кабинетот на премиерчето. Се зачудив кога доктор Милислав Трајанов, познато име во психијатријата, инаку, според мене, поим немаше од својата професија, на сите им даваше апчиња со ист хемиски состав, но под различно име, ѝ удри шлаканица на Вања. Девојче во тинејџерски години завршило во болницава одамна. Приказната за неа ми ја раскажа Крвав.

Пред неколку години паѓајќи од некоја лулашка си ја пукнала аркадата, но тоа била само првична забелешка на докторите. По неколку недели, Вања, една од сестрите близначки, почнала чудно и несоодветно да се однесува. Плукала каде што ќе стигне, лижела со јазикот сè што ќе ѝ се види во форма на фалус, пцуела по гостите што ќе се појавеле кај неа дома. Всушност, од падот ѝ се повредил некој мозочен нерв. Се соблекувала често гола и ги каснувала луѓето како муви пред дожд.

Родителите ниту еднаш не ѝ дозволиле на сестра ѝ Сара да ја види. Всушност, неа ја израснал дедо ѝ, таткото на мајка ѝ. Сакале да ја заштитат. Често ја носел на сладолед кај чичко Гмизавец како што го викале децата, инаку се викал Карл и овде донел некоја посебна сорта на германски сладолед, и таму го поминувале скоро цел ден додека дедото си пиел ракија со останатите накриво исполитизирани пензионери и во фантазмагорично пијанство се мрсулавеле врз трудот на нашите државничиња. Сара често боледувала од потечени крајници. Сладоледот имал некое чудно дејство, ѝ се зголемувала и температурата, и во бессознание често марширала пред кооперацијата потпевнувајќи си ја „Деветта“ од Бетовен толку фалш што господин Карл решил на крајот да го смени рецептот.

А, Вања, кутрата Вања, навистина имаше проблем. Но, откако јас дојдов во болницата, за неа сите маки исчезнаа.

Отсекогаш сум ги презирала нахалните луѓе. Оние со дебела кожа. Оние што не чувствуваат дека сакаш да бидеш сам со себе и со канџите ти ги грабаат мислите кои фатиле пат кон месечината и прекрасните пејзажи, само за да си ги придобијат, за своите потреби. Е, за таквите луѓе секогаш си замислувам најразлични начини на убиство. Вања беше од тој вид. Најпрвин ја сожалував дека беше болна, но овој пат претера.

Сè уште мислам дека д-р Милислав, сестрите го нарекуваа Милко, е виновен за смртта на Вања. Каде најде да ја смести во собата чиј прозорец гледаше директно на клупата каде што го поминував денот – собата беше под катанец, а на прозорецот немаше решетки, туку дрвени ролетни што не можеа однатре да се отворат. Имаше само една пластична направа со отвор за воздух. Од тој отвор се слушаше гласот на Вања. Толку силно рикаше што беше неподносливо. Како да не ѝ дејствуваше ниту еден лек за смирување. Одвреме-навреме само ќе ја подбутнеше раката низ пластиката и со средниот прст ја покажуваше лутината извикувајќи најразлични пцости што во ниту една улица, во ниту една книга ги немам сретнато. Еве, на пример, вакви, некои и оксиморонски: „Да ви фати пичката гнојна ангина!“, „Да ви се расипат забите и да ви ги вадат со ножици!“, „Да слушате гласна тишина во гробот во кој ќе ве закопаат!“, „Да станете живи фосили и мравките да ве скокоткаат до смрт!“…

На прстот имаше куп влакна. Чудовиште! Ете, во тоа ја претворија кутрата и невина Вања, чудовиште кое сите сакаа да го видат, мистерија дури и за докторите. Но, никој од нас, обичните смртници, не ја виде, ниту, пак, оние бедните новинари што ја напишаа одвратната статија која на насловната страница на еден од нашите моронски весници ја објавија Вања како фоторобот. Само ја замислуваа каква би можела да изгледа. Написот носеше наслов: „Нема лек за влакнестата жена од Бардовци!“ Небаре ова е циркус на необичното, на фантоми, вештерки и криво родени, па и билети уште да продаваат. Ѓубриња новинарски!

Полудев. Не сакав да се мрднам од мојата клупа па по цена и да убијам. Токму тоа и го направив. Ја убив Вања најладнокрвно. Ниту на сон не можев да поверувам дека јас можам да го сторам тоа, бидејќи, барем другите така зборуваа за мене, сум мирна, питома, ликот ми е благороден, ни на мравка не газам, а не, пак, да убијам човек. Ама, ја убив. Ја убив!!!

Едно топло попладне седев и чекав да го извади прстот низ отворот. Очекувано, тоа го направи и токму како што посакував, го држеше надвор подолго. Се затрчав кон прозорецот и толку силно ја гризнав, што прстот остана во мојата уста. Крвта на Вања имаше вкус на расипано суши. Едно влакно ми се заглави меѓу забите. Повраќав внатре, во отворот, во тој чудесен, мистериозен, девијантен свет. Вања се задуши. Конечно, мир! Тој свет, нејзиниот, мојот, сега воопшто не беше со шарени бои каков што си го замислував во детството. Беше едноличен, сив.

РАБОТНИКОТ И РАБОТОДАВЕЦОТ

„Сиктер одовде! Собери си ги парталите и да те нема“, ми рече мојот претпоставен едно магливо работно утро. И без тоа, на пат кон мојата канцеларија, т.н. зелена сала за танцување, се прашував до кога ќе го поминувам истиот неосветлен тунел во кој графитите не се менуваат никогаш, до кога ќе чмаам и ќе добивам аритмии од нервоза секој ден сместена по еден час во гасните комори од возови, до кога ќе ме удира по моето ведро расположение сивилото и мртвилото на зградиштето во кое влегувам секое утро во девет, до кога ќе ме гребе по совеста несфатливо намуртената фаца на дебелата чварка со изгорена коса од пријавница, демек била бивша балерина, ама мажот ја оставил па се запуштила, до кога ќе морам да бидам неприродна и вештачки фина секој ден по осум факинг часа, а како последица на тоа да добивам наметливи брчки крај усните? Така десет години на пат кон мојата бесмислена работичка како кореографка, а потоа и како министерка, која почнав да ја работам со доза на љубопитност, потоа со интензитет на гадење и, на крајот, како сосема друга личност, си поставував безброј прашања слични на овие.

Но, еден мамурен ден сето тоа заврши. Моите мисли не сакајќи или многу сакајќи заминаа на други места. Да се оди на работа, да се работи за да се заработи за да се преживее, и не мора. Може и без тоа, може и да не се живее. Ама, работев за нешто друго. Да ги остварам моите каприци за кои дури денес се освестив дека не биле дел од мојот физикус. Толку посакував да бидам над сите, да раководам со сè, да ги измачувам луѓето, да бидам магионичар, да ги претворам во глувци, жаби или мравки, некои и во ламји што ме голтна бунарот во кој и железната паричка дури не се слуша кога ќе ја фрлите, бидејќи тој е во вистинската смисла на зборот длабок. Не бев јас хорор само однадвор. Бев толку многу тажна и горделива, арогантна и ѕвер однатре што се измачував. Сето тоа ме откорнуваше од цврстината на земјата, иако тоа ми беше во природата, постојано да правам пируети, а гласовите од моето ехо ми правеа хаотични плими и осеки што не можев да ги совладам. Зашто јас, сепак, бев жена. Сега, не знам кој пол сум. Хермафродит, некое андрогено битие.

Бам! Одеднаш силен звук ме тресна по темето. Дојде новиот шеф и ме шутна ко гнило улично куче што ми се скинаа панталоните на задникот од шпицот на неговиот лакиран чевел.

Министерството за танцувачки перформанси си работеше добро на почетокот. Онака, без скандали, мирно, здодевно, бесполезно дури, ама се појавуваа одвреме-навреме убави зраци. Јас и моето его не можевме да поднесеме глупави, бавни, неписмени и старомодни луѓе, со еден збор издаици и лигаици, па почнавме да вршиме вистински терор внатре во организацијата, што не можеше, а да не ги уништи животите на кутрите уметнички душички. Да, јас бев двајца. Јас бев и работник и работодавец. Бев и танчарка и шефица. Комунистичко-социјалистичката агенда се лепеше за моите ставови. Не бев на страната на екстремната десница како мојот работодавец, бев либералист со застарени сфаќања. Ех, ако некој ме прашаше како сето тоа подробно би го објаснила, немаше да знам. Јас, всушност, и многу работи не знаев. Затоа и сите зла течеа од моите црева така глатко. Како и да е, јас бев сè. Имав моќ, така си мислев.

Се разбира, поради намалувањето на платите, отказите на непожелните кои морам да забележам ми завидуваа, пред сè, на мојата убавина и врвна еластичност, а потоа и на мојата итроштина, не на мудроста, зашто ја немав, си го направи своето. „Штрајк во понеделник!“ – за солидаризација со останатите гревчиња што останаа без работа, но, пред сè, за полуписмените што останаа, па сега не ќе можеа глатко да си ги отплаќаат ратите од кредитите (тоа беше време на кредити за станови, автомобили, па и за годишни одмори), беше испишано со големи букви на огласната табла. Ме распалија во медиумите, во дуќаните продавачите ме гледаа со презир, на улица оддалеку ме пцуеја. Веста за мојот фашистички однос спрема вработените бргу се прошири. Сепак, ние бевме фирма пар екселанс, бевме и меѓународно признати.

Се качив на возот наречен бездна. Самата да си пресудам. Ојдов во бездушноста на ѕидната уметност.

Не бев јас со толку дебела кожа. Сепак, на крајот, не можев да си простам за тоа што го направив. Ајде, парите и не беа толку голем проблем, тие и така исчезнуваат на будалштини. Туку, животите на луѓето во мојата институција беа горчината што ми вриеше во главата постојано, а која толку исправено ја носев на рамената што на неа можеше да се излее убава и цврста скулптура. Всушност, овде не станува збор за крволочни катаклизми. Ти, драг мој читателу, ако воопшто постоиш, немој да очекуваш хорорични срања, ќе те оставам да спиеш мирно. Јас само се приклучив кон партијата која беше на власт, а партијата која беше на власт беше на она премиерче ако се сеќаваш, погоре го прочита, кој какаше кај ќе стигне. Е, тој им ги замати умовите на простите човечиња, а јас станав само негово милениче, негова лего коцка. А, отидов таму само од една причина. Разбрав дека давале дрога од која ти се поматувал умот, од која можеш да фрлаш оган од устата и да камшикуваш, да камшикуваш до смрт. Всушност, секогаш посакував да бидам некој друг.

Музикаааааа, почнувај! На „Валкирите“ од Вагнер секое утро во 9,15 кога главниот од доберманите наречен Миро ќе тропнеше силно на паркетот со војничките чизми под кои имаше заковано челични шилци, почнуваше танцот кој траеше сè до завршувањето на работниот ден. Голи, сосема голи, се допиравме во миговите на грациозни движења на нашите полови органи, а страсните галења на нашите тела на крајот избувнуваа во екстаза. Грофтавме и се потевме како свињи. Оргијашењето не престануваше. Се дозна од кодошите сè. Затоа и ги избркавме, иако мислеа дека ако ни ги лижат дупињата, ќе си ја спасат главата, но срамно нè молеа, клечејќи плачеа пред нашите бедра, да ги оставиме, да „поживеат“ уште малку, барем додека не се смени режимот. Во овој режим, кодошењето не беше во нивна корист.

Часовниците што ги постави, по два во секој уред, едниот да го означи почетокот, другиот крајот на работното време, беа тотална малтретажа. Ѕвонеа со националхеројска химна која беше инсталирана специјално за потребите на Министерството, компонирана од еден внатре вработен со завршена Музичка академија, а кој беше талентиран само да ги исполнува сопствените мигови на здодевност со песна додека си ги бричи срамните влакна на пенисот. Нејсе. Така одеа работите. Апчиња со специјален хемиски состав беа ставани на бироата со чаша вода секое утро, како енергетски мотив за работа. Велеше дека тоа е некоја специјална емулзија и дека рецептот не смее да го оддаде никому, освен на својот нероден син. Небаре прави охридски бисери, па тајната ја чува во строгост, или капсули со смртен отров, а и којзнае дали воопшто ќе има син. Делеше дрога, која мораше да се испие, зашто доберманите од обезбедувањето следеа сè, а особено тоа. Е, дури по два часа се случуваше вистински бал. Но, мене токму тоа ми требаше. Иако не знаев дека таа ќе ме направи вистински вампир.

Немаа сите исто сексуално искуство. Имаше дури и такви кои се невини и на свои 45. Чудно, но вистинито и здодевно. Затоа мораа да кодошат. Својата грдосија сакаа да ја насликаат на нашите лица. Но, тие беа тажни душички, чиј гнев не беше нивна вина, беше на општеството кое ги тераше да раѓаат, да се женат, мажат, да создаваат семејства. Другите кои веќе го имаа стокмено својот дом се бореа за позиција. Толку проклето жедни за власт што интимните делови ги продаваа за ситно, најситно.

Се растажив. Неподнослива тага кога го видов новото кодошче со женичката и двете дечиња на една клупа пред Соборниот храм како просат. Се искостив да го вратат на работа, иако тоа му создаваше брачни проблеми, зашто на жена му сè ѝ признал, не само за работната полигамија, туку и за камшикувањата, па и за бремената жена што чува во утробата половина дете, половина доберман… Ете, токму мојата душегрижност и претерана емотивност ми ја удрија големата клоца во задникот. Самата си ја зарив. Хемороидите беа најневажната последица.

ДРВО

Ох, дрво, прости ми дрвце мое,

Ох, дрво, мое дрво,

Те гушкам како виолината кога ја свирам,

Дрво мое безгрижно распаметено!Х

потпис: Миро.

ЅИД

По десет години падна Berliner Mauer. Нашиот ѕид се стопи како чоколадо на сонце. Брзо и неосетно. Како воопшто и да не постоеше време. Или како времето да беше застанато. Бевме едно, па се поделивме на две, а сега сме само тажни сенки на некое минато за кое ни самите не се сеќававме дека постоело. Дали се познававме? Десет години е многу, но е и како десет секунди. Ѕидот се урна и од протокот зедовме воздух. Конечно можевме да се движиме еден во друг, друг во еден.

О, Боже, само ти знаеш колку страдаше Леви. Толку многу ме посакуваше што не можеше да ме погледне. Оддалеку само го чувствував неговиот мирис од устата кој мирисаше на прашок за перење. Се криеше од мене како од силен ветер. Се плашеше за да не се мачи исто како тогаш кога се сретнавме. Не можеше да ме има, поточно, не можеше да ме поседува, а тој сакаше да му бидам како робинка во харем. За жал, Леви немаше капацитети на големец, не во смисла на пари, со тоа и на моќ, туку, едноставно, неговата рационалност и приземност не беа во мој интерес. Му недостигаше харизма, шарм, гротескност.

А кога се сретнавме, беше убаво и тажно. Убаво, зашто сакаше да бидеме заедно, тажно, зошто јас не сакав да го оставам Морис. Му требав да не забега повеќе од тоа што беше, а веќе беше руина што оди. Леви беше толку чист и невино искрен, толку вљубен и страсно полн, што ме правеше да бидам убава и насмеана. Наместо меланхолично кревка каква што во суштина сум.

Честопати го лажев Морис дека морам да одам на некоја промоција на книга на моја пријателка, на концерт на бенд кој никогаш нема да дојде во нашиот град повеќе, на маникир со мојата братучетка да ѝ правам друштво, во геријатрија кај дедо ми, во библиотека за да ги барам архивираните весници за мојата магистерска, кај сестра ми да ѝ помагам за бебето, кај… само да се видам со Леви, да ми ги пополнува празнините од несреќните и мачни мигови поминати со Морис, посебно во сексуална смисла. За среќа, Морис беше асоцијален тип, не излегуваше од своите валкани ѕидови, пушеше како Турчин и во свесните мигови на постоењето ги следеше најновите достигнувања на компјутерската технологија.

Но, јас, сепак, го сакав Леви, не беше тој само обичен малтер за покривање ѕидни дупки. Беше молер со врвни естетски погледи, со софистициран, ама и класичен вкус. Така водеше љубов. Бакнувањата му беа нежни, како на бебе, допирите бавни, мазни, значи романтичен, а рацете му имаа силен стисок, значи со жар. Го посакуваше секое делче од моето тело и тоа го чувствував и преку неговото забрзано дишење, ама и во погледот. Магично беше дека се криевме, најчесто во темни комори, што ѝ даваше мистика на целата атмосфера, и којзнае дали ако комунистите не го изградеа високиот бедем, ќе разберев дека вистински го сакам. Сепак, како што реков, тој цврсто се држеше за земјината почва, небаре ќе се урне како во авионска несреќа.

Сепак, се случи тоа од што најмногу стравував. Почна да ме изнасилува, а јас сè ќе дадев за мојата слобода, па го откачив. Не можам да седам на место, морам да се вртам лево-десно. Тогаш почнаа и проблемите меѓу нас. Класична приказна, едноставно не можеше да ја прифати мојата строга одлука која, исто така, тешко ја поднесов. На крајот реши да се повлече целосно, а мене толку многу ми беа потребни долгите разговори со Леви што затапев потоа, зашто немав интелектуална стимулација. Мојот мозок мора да се полни, инаку ќе стане како тврд орев, а јас ќе се претворам во бесполезно копиле.

„Колку сакам да нема продавници, да нема ништо што ни се нуди така агресивно, да нема излози, да нема никакви производи од кои ни се зашеметува умот, па да мораме да бараме пари од секого и секаде. Да си купиме, да не видат другите, да се пофалиме, имаме потреба од тоа. Сакам да сме меѓу трева, планини, реки, сонце околу нас, да се занимаваме со некоја си наша филозофија, да беседиме и да ги толкуваме нештата на сопствен начин, да се смееме на кловновите и комедијантите, на нивната наивност и наметливост, не на онаа на продавачите“, му велев, така седнати на една клупа пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ додека внатре се подготвуваше раскошна свадба. Колку безлични разговори водевме ние двајца, без хумор и духовитост, но, сепак, тие потоа отвораа разни аспекти за нашето општествено опкружување, па до зори од нашите усни излегуваа безброј зборови.

„Ах, Марта, колку е тоа чудесно, колку блескаш кога ги кажуваш тие зборови, како дијамант на плочки“, се смееше Леви нежно галејќи ме по дланките за кои ми велеше дека се најубавиот дел од моето тело.

„О, Леви, ти сепак си бил духовит“, ќе му кажев нашега. „Ги гледаш оние? За да имаш ваква венчавка се потребни челични нерви. Сакам нашата свадба да биде само за нас двајцата, да купиме вино, да се опиеме и да водиме љубов на таванот крај стариот ковчег на баба ми“.

Се шокирав кога го извади прстенот од десниот џеб од панкерската кожена јакна на која два лика со цвет меѓу усните му беа сошиени на задната страна како амблем. Прстенот беше од смарагд.

Одеднаш се почувствував како ранет воин во зандана. Погледнав во небото барајќи некое пиле да прелета над мене и во устата со клунот да ми истури неколку капки вода. Јас не се противев на бракот, туку сакав поинакви форми, хоризонтални, сакав да постигнам со тоа некаков консензус меѓу мене и него, меѓу мене и нив двајца, што за нашето општество се смета за вулгарно, незаконско, непримерно. Но, јас трагав по мојата слобода, по мојата слободна форма на живеење. А, под тоа разбирам креативност. Сакав да ги пробам сите природни материјали, а сите ги посакував исто. Можев да дадам љубов на неколку страни, барем тогаш така чувствував, бев полна.

Веднаш посакав да го видам Морис, да ме остави раат да ги гледам моите идиотски ТВ-серии кои ме носеа далеку од размислувањата за животот. Но, Морис беше веќе одамна мртов.

Почна војната која траеше десет години, која нè остави боси, гладни, со тешки рани на срцата. Ѕидот повторно се крена, Леви отиде од другата страна. Морис го зеде дрогата, се разбира, како последица од воените шокови.

Во војната изгубив сè. Мајка ми, кутрата, почина од срцев удар кога слушна дека брат ми го измачувале во затворската ќелија за да признае дали е тој што ги фрлал гомната на Тврдината, вадејќи му парчиња кожа, од што потоа се инфицирал и починал во страдање.

Еве сум, јас завршив овде, во болницата, крај Крвав и неговиот новостекнат пријател Леден.


Роман во издание на „Или-Или“. Не е дозволено преземање на текстот без писмена дозвола од Редакцијата.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: КруговиТина Иванова

НАЈНОВО

Војаџер 1. Фото:  Caltech/NASA-JPL

(ВИДЕО) НАСА успеа „да ги оживее“ резервните двигатели на „Војаџер 1“ по 21 година

May 17, 2025
Белград (Фото: Rade Dr. / Pixabay)

Најскапиот платен метар квадратен за стан во Србија чинел11.668 евра во Белград на вода

May 17, 2025
Фото: ВИ

Трамп најави одвоени телефонски разговори со Путин и Зеленски в понеделник

May 17, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Научив дека смолата може да ја исуши црешата ко вмро Македонија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кој е Петар Богојески новиот директор што ќе управува со парите од „Еразмус“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Тетовец зел 25.000 евра пари со камата, му одзеле два стана во вредност од 150.000 евра

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) „Евровизија“: Познати сите 26 финалисти

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ССНМ: Оценките на претседателката Сиљановска Давкова за работата на новинарите се непримерни

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk