Твитер денеска отстрани илјадници сметки од Србија, Египет, Хондурас, Индонезија и Саудиска Арабија за постапување според владини директиви или за промовирање провладина содржина.
Како што пренесуваат странските агенции, Твитер и останатите социјални мрежи се под притисок да ги отстранат сите дезинформации и говор на омраза од нивните платформи, кои исто така се зголемени поради пандемијата на корона вирусот.
Во соопштението на Твитер се наведува дека се отстранени сметките затоа што тие ги прекршиле политиките на платформата и биле намерно создадени за да ја поткопаат јавната расправа.
Отстранети се 2.541 сметка што се поврзуваат со египетскиот весник „Ел Фагр“ поради создавање лажни сметки кои генерираа пораки кои ги критикуваат Иран, Катар и Турција.
„Информациите што ги добивме од надвор укажуваат дека сметките ги следеле упатствата на египетската влада“, се вели во соопштението на Твитер.
Компанијата отстрани и 3.104 лажни сметки што беа создадени под единствена ИП-адреса во Хондурас од владин службеник за споделување претседателски содржини.