Голем пожар избувна синоќа во Велес, а бел чад во текот на ноќта се издигнуваше над новиот дел од градот. Како што информираа од ТППЕ Велес околу полноќ за МИА, по 22 часот бил пријавен пожар во Фабриката за здрава храна „Аронија“ во индустриската зона на Велес во новиот дел на градот, која е дел од компанијата „Мирана“ за маргарин и други прехранбени производи.
Во гаснењето веднаш се вклучиле повеќе пожарникари со три противпожарни возила, а на помош во дотур со вода им била ставена на располагање и цистерна со вода на ЈКП „Дервен“.
Информацијата за пожарот во фабриката ја потврди и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
– Има пожар во фабриката „Мирана“, на лице место е ТППЕ Велес, нема информации за повредени лица, информира Ангелов.
На прашање на МИА дали има опасност по останатите објекти, тој одговори дека нема такви информации.
Според ЦУК, во Велес кај индустрискиот Блок, опожарена била фабриката „Мирана“, а по Барање на ТППЕ Велес била исклучена струјата во фабриката.
Фабриката во која синоќа избувна пожар е во близина на поранешната фабрика за талк „Димче Мирчев“ во новиот дел на Велес.