Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и нивниот штипски комитет за ситуацијата со најавениот прекин на водоснабдувањето во Штип, посочувајќи дека проблемот можел лесно да се избегне доколку не бил уништен стариот систем со бунари.
„Ете, токму за ова зборуваме веќе со години: да не го уништеа бунарскиот систем за водоснабдување, утре лесно ќе можеа да свртат вентил, да преземаат вода од бунарите додека работат на отклонување на проблемите со водата од ХС ‘Злетовица’, а штипјани да не останат жедни и без услови за основна хигиена,“ истакна Костова на Фејсбук.
Според неа, неодговорното однесување на локалните власти има директни последици врз секојдневието на граѓаните.
„Ама, дпмне-вското расипништво, особено во штипскиот им комитет, е од невидени размери, па сега сите штипјани ќе си патиме поради нивните каприци, незнаење и немарност,“ додаде таа.
Костова го критикуваше и јавниот водоводен оператор ЈП „Исар“, за кој вели дека „принудно се разбудил од скандинавски сон“, дури кога дошло до целосен прекин на водоснабдувањето.
„Овој, порано лесно премостлив, проблем принудно ги разбуди ЈП ‘Исар’ од скандинавскиот сон, па се приморани конечно да ги известат штипјани дека утре ќе имало прекин во водоснабдување.“
Таа забележа и дека на официјалната објава од ЈП „Исар“ не било дозволено коментирање, со заклучок: „Секако, на објавата не може да се коментира, оти мислењето на народот ич не ги интересира.“