Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави Нацрт-законот за користење на енергијата од обновливи извори на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Јавната расправа за Нацрт-законот преку кој сите заинтересирани граѓани, стручна јавност и релевантни чинители можат да достават свои мислења и предлози трае до 30 август 2025 година, а целосниот текст е достапен на веб-страницата на Министерството и на ЕНЕР.
Како што соопштија од Министерството, со овој закон ќе се уредуваат обновливите извори на енергија како посебна и комплексна област, одвоена од другите енергетски закони.
-Овој закон претставува стратешки чекор напред, со кој обновливите извори на енергија за првпат се уредуваат во посебен закон (Lex specialis), одвоен од останатите енергетски закони – по примерот на голем број земји од регионот и ЕУ. Причината е јасна: обновливите извори на енергија (ОИЕ) претставуваат сложена, но сè поважна и динамична област, со огромно влијание врз економијата, екологијата и енергетската независност, се наведуваа во соопштението.
Најзначајните новини во Нацрт-законот вклучуваат воведување на нов финансиски механизам наречен „Договор за пазарно порамнување на разликата“ (two-way contract for difference). Овој механизам гарантира финансиска стабилност за производителите на енергија од обновливи извори и ги штити потрошувачите од екстремни ценовни флуктуации.
Дополнително, како што соопштуваат од Министерството, законот првпат целосно го регулира системот на нето-мерење (net metering) и нето-пресметка (net billing). Преку овие механизми, вишокот на произведена енергија може да се користи за следните периоди како енергетски депозит или како финансиско намалување на сметките, што овозможува поголема енергетска ефикасност и активна улога на потрошувачите како производители.
Во законот се вградени и мерки за поддршка на долгорочни инвестиции, развој на обновлива енергија во сектори како греење, ладење и транспорт, како и регионална соработка за интеграција на обновливите извори во енергетските пазари со гаранции за потекло на енергијата. Поставени се и обврзници за одржливост и намалување на емисиите на стакленички гасови.