Вечерва, 11 август 2025 година, од 21 часот, на Споменикот на слободата во Кочани, со ритуална работилница во спомен на младите луѓе што ги загубија животите во пожарот во „Пулс“, ќе започне програмата за млади „Лето во друштво“ што ја подготви Центарот за психосоцијална и кризна акција Малинска во соработка со Општина Кочани, Локалниот младински совет Кочани и Сапорт Кочани.
Програмата што ќе трае до 23 август нуди спортски, уметнички, едукативни и психолошки работилници со различни активности наменети за сите млади од Кочани, Штип, Пробиштип, Виница, Чешиново-Облешево.
Учеството во работилниците треба да се пријави преку електронски картички – формулари, со цел организаторите да ги испланираат и да ги спроведат активностите соодветно со бројот на учесниците. Во картичките детално се опишани планираните активности, времетраењето и локацијата на одржување.
Уметничките активности почнуваат денеска во 16 ч., со фотографска работилница за цијанотипија во Мултикултурниот центар во Кочани, а спортските од 12 август, на спортскиот терен во СОУ „Љупчо Сантов“. Посебен интерес се пројавува за набљудувањето на метеорскиот дожд Персеиди на манастирот „Св. Пантелејмон“ во селото Пантелеј, на 12 август од 21 ч. Организаторите најавуваат организиран превоз за пријавените млади. Автобусот ќе појде во 20 ч. од Градскиот плоштад. Останатите што сакаат да се вклучат во настанот потребно е сами да си го обезбедат превозот до Пантелеј.