Италијанските спасувачки служби и денеска продолжија со потрагата кај островот Лампедуза по најмалку 10 лица кои се водат како исчезнати, откако два нали брода, со околу 100 мигранти се превртија во Средоземното Море.
Според италијанската новинска агенција АНСА, потврдена е смртта на 27 лица, меѓу кои три деца и едно бебе, јавуваат полициски извори.
„Бројот на деца кои ги губат животите обидувајќи се да стигнат до Европа е неподнослив“, објави организацијата „Спасете ги децата“ на платформата Икс.
Според сведочењата на преживеаните, бродовите тргнале во раните утрински часови од либиската престолнина Триполи. Едниот почнал да тоне, па патниците се префрлиле во другиот, кој потоа, исто така, се превртел.
Хеликоптер на италијанската финансиска полиција, која спроведува операции на море, го забележал инцидентот вчера наутро, на околу 14 наутички милји (26 километри) јужно од Лампедуза.
Според извештаите, спасени се 60 лица од Пакистан, Египет, Сомалија и Судан. Италијанскиот Црвен крст соопшти дека преживеаните биле исцрпени, но во стабилна здравствена состојба.
Премиерката Џорџа Мелони изрази „сочувство за загубените животи“ и повторно ја потврди цврстата политика на земјата против мрежите за криумчарење мигранти.
Обвинителството во Агриџенто, Сицилија, отвори истрага за можен пропуст поврзан со бродоломите.
Секоја година илјадници луѓе се обидуваат да го преминат Средоземното Море, најчесто од Либија или Тунис, при што често се случуваат трагични несреќи. Портпаролката на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), Кјара Кардолети, изјави дека повеќе од 700 луѓе загинале при преминување на централниот Медитеран само во текот на оваа година.