Најмалку пет лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во руски воздушен напад врз источниот украински град Харков, соопшти градоначалникот Игор Терехов на Телеграм. Во претходна објава, тој посочи дека межу загинатите има и дете.
Москва продолжува со интензивната кампања на бомбардирања со напади низ целата земја.
Терехов информира дека четири руски борбени дронови погодиле станбена зграда рано изутринава.
Во јужниот пристанишен град Одеса, беше погодена инфраструктура за гориво за време на ноќен воздушен напад, изјави регионалниот гувернер Олег Кипер. Пожарникарите успеале да го изгаснат големиот пожар.
Во североисточниот регион Суми властите известија за напади со лизгачки бомби.
Утрово, ракети удриле и во градот Запорожје, при што била погодена урбана инфраструктура, соопшти регионалниот гувернер Иван Федоров, додавајќи дека шест лица се повредени.
Експлозии беа пријавени и во други градови, меѓу кои и во руско-окупираниот Доњецк.
Украина веќе речиси три и пол години се брани од руската инвазија.