„Гугл“ воведе новитет во својата апликација за вештачка интелигенција „Џемини“ (Gemini) – а тоа е можност за автоматско запомнување на претходните разговори, но и опција за нивно целосно „заборавање“, т.е. бришење, доколку корисникот го сака тоа.
Новата функција „Личен контекст“ (’Personal Context’) му овозможува на „Џемини“ да ги користи претходните разговори за да обезбеди поперсонализирани и попрецизни одговори. Оваа опција ќе биде вклучена по дифолт, но може лесно да се исклучи во поставките. За оние кои сакаат разговор без трага потоа, тука е и опцијата за привремени разговори – што не се зачувуваат, не се користат за учење на моделот и се бришат во рок од 72 часа. Тие нема да се појавуваат ниту во листата на неодамнешни разговори.
Заедно со овие промени, „Гугл“ го менува и името на опцијата „Џемини апс активити“ (Gemini Apps Activity) во „Зачувај активност“ (Keep Activity). Тоа значи дека кај корисникот е одлуката дали неговите датотеки, фотографии и активности ќе се користат натаму за подобрување на ВИ-услугата. Оваа поставка ќе стапи во сила од 2 септември 2025 година.
Функцијата „Личен контекст“ во мигов е достапна за корисниците на „Џемини 2.5 про“ само во одредени земји. „Гугл“ на овој начин се обидува да воспостави рамнотежа меѓу приватноста и персонализацијата – давајќи им на корисниците можност да изберат – да „запомни“ или да „заборави“ засекогаш.