Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа работен состанок со директорите на сите општински основни училишта по повод започнувањето на новата учебна година. На состанокот се разгледуваа финалните подготовки за првиот училишен ден, соопштија од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека во сите училишта во тек се активности за темелно чистење, а во наредните денови ќе се спроведе и задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, со цел обезбедување безбедни и хигиенски услови за учениците и наставниот кадар.
-Прв пат оваа година, Општина Центар обезбеди бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта. Носењето на униформите ќе биде задолжително за сите ученици. Дополнително, трета година по ред, сите првачиња ќе добијат бесплатни ранци и училишен прибор, како дел од заложбата на општината за поддршка на учениците и нивните семејства, велат од Општината.
Граноначалникот Герасимовски, пак, нагласи дека како Општина вложуваат во образованието, кое како што нагласува е иднината на државата.
-Сакаме да им овозможиме на децата еднакви услови за учење и да покажеме дека образованието е еден од нашите највисоки приоритети, истакнал градоначалникот Герасимовски.