Граѓанската платформа „Независни заедно“ денеска најави прес-конференција на која ќе биде промовиран независниот кандидат за градоначалник на Скопје – проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет. Настанот ќе се одржи во среда, 27 август, во 09:30 часот кај Камениот мост, пред споменикот на Гемиџиите.
„Независни заедно има чест да го претстави својот кандидат, истакнат интелектуалец и борец за безбедно и убаво Скопје. Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот,“ стои во соопштението.
На прес-конференцијата Марковски ќе ја образложи својата мотивација за влез во трката за градоначалник, како и визијата за нов пристап кон локалната власт.
Кандидатурата е поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, која ја сочинуваат „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
„Ова претставување е дел од поширока граѓанска иницијатива што ќе ја врати довербата во институциите и ќе покаже дека промена е можна доколку заедницата стои обединета и граѓанинот е на прво место во политиката,“ порачаа од „Независни заедно“.