Драмски театар Скопје со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ утре ќе гостува на Бриони во Хрватска каде театарот „Ulysses“ е домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри, РУТА. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на локалитетот Мали Бриони во 21 часот.
Како што информираат од Драмски, гостувањето на Бриони ќе биде шеста изведба на пиесата со што се заокружува сезоната на планирани настапи на летните фестивали. Станува збор за копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Премиерата на копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ се играше во Црна Гора на 10 август на 39. фестивал „Град театар“ Будва. На летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ претставата беше играна во четири последователни вечери.
Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот. За претставата е истакнато дека: „Плејбоите…“ е текст напишан во 1972, од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, работен во формата на комедија дел арте. Претставата првпат е изведена во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Во творештвото на тошашнаите „бунтовни“ уметници е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе што биле современици на регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“.
Режисерот Пеновиќ за претставата „Плејбоите…“ вели дека е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење). Во копродукциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
По изведбата во Охрид, македонската публика ќе има можност повторно да ја гледа претставата во втората половина на октомври за време на фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје.