Кандидатите за градоначалници на Скопје и Аеродром, д-р Александар Трајановски и Каја Шукова, вчера се сретнаа со граѓаните во Паркот на езерата, кај мостот „Михајло Апостолски“, каде што ја претставија својата визија за подобра поврзаност и уредување на овој дел од градот.
„Токму овде, на оваа локација, лежи една од клучните точки на нашата визија – поврзувањето на жителите на Аеродром и Гази Баба,“ објави на социјалните мрежи Трајановски.
Тој потенцираше дека со пуштањето во употреба на мостот најмалку 60.000 жители на Аеродром ќе добијат втор излез од општината, што ќе го олесни секојдневното движење и ќе ја подобри мобилноста.
Во обиколката на теренот, Трајановски и Шукова посочија на лошата состојба на паркот и кејот.
„Паркот и неговата околина не беа ништо поразлични од остатокот од Аеродром. Искршени плочки, нечистотија, неискосени и исушени тревници по должината на кејот на Вардар,“ рече Трајановски.
Тој најави дека со подобрување на соработката меѓу Општина Аеродром и Град Скопје ќе се обезбеди поквалитетна животна средина за жителите.
„Преку подобрување на соработката на Општина Аеродром со Град Скопје на граѓаните ќе им овозможиме чиста животна средина и повеќе зеленило,“ додаде тој.