Ковид 19 пандемијата извади многу проблеми и дилеми на површина. Од солидарност до крајна себичност, од хуманост до „онлајн распнување“ на заболените, непочитувачите на владините мерки, па и критики за самите мерки. Зошто ги осудуваме граѓаните во карантин, зошто репатрираме сограѓани, зошто лажеме на лекар или се срамиме јавно да кажеме дека сме заразени? Зошто не почитуваме изолација/самоизолација? Кои чувства и пориви нè водат за време на пандемии/епидемии? На сите овие прашања, во интервју за Фронтлајн одговара писхотерапевтката, доцент Ана Блажева.
Според Блажева, иницијалното чувство во такви мигови е стравот, но наше е да одлучиме во која насока ќе нè одведе, како ќе ја носочиме енергијата.
„Оваа колективна ситуација во која сите сме заедно, можеме полесно да ја надминеме, со помали последици доколку успееме да ги зачуваме токму врските. Уште повеќе имаме ситуација во која можеме да зајакнеме врски што ќе придонесат за нашето чувство на безбедност и сигурност. Важно е да кажам дека стравот и лутината (и било која друга емоција) не се погрешни сами по себе, тие се легитимни реакции на ситуацијата. Важно е колку сме свесни за нив, да ги разбереме и прифатиме за да може да видиме што нѝ овозможуваат како и каде да ја насочиме енергијата“, вели Блажева.
Зошто луѓето ги стигматизираат оние кои се во карантин и како да се надмине оваа појава, дали стравот нè тера да бидеме неразуми и полни со предрасуди?
„Стравот е носител на емоционалниот одговор во оваа кризна ситуација. Но стравот ретко функционира самостојно, особено во комплексниот свет и релации кои ги живееме. Тоа значи дека стравот за сопственото и здравјето и животот на најблиските станува дел од различни мрежи на емоции што се поврзуваат. На пример, покрај стравот брзо се појавува и лутината, има различни форми на изразување, па зависно од усвоените механизми на одбрана, може лесно да премине во омраза.
Тоа се случува кога луѓето имаат потреба да нападнат, за да се одбранат, заштитат, познатата рекација на стравот преку манифестација на борбеност (Fight). Во ситуацијата со излевање на агресија кон луѓето кои се заразени, кои се потенцијални носители на зараза (оние кои доаѓаат од надвор) и кои потенцијално можат лесно да ја шират (небрижните) сметам дека е одговор токму на оваа комплексна емоционална реакција.
Најчесто при тоа се користи механизмот на проекција, односно кога наместо да гледаме во себе тоа што нè плаши, го гледаме кај другите и на тој начин заканата ја лоцираме надвор од себе. За да се уништи заканата имаме порив да ја нападнеме. Вербалната агресија или говорот на омраза е крајниот исход во ситуацијата.
Но кога има толку присутна агресија и омраза, тоа дополнително создава тензија и повикува на реакција, односно одбрана. И на тој начин се создава и креира непријателска атмосфера во која насилството станува дел од арсеналот на комуникација.
Целата оваа динамика е многу штетна за општественото ткиво, затоа што го прекинува контактот и создава јаз што го оневозможува заедничкото дејствување или солидарноста. Тоа исто така доведува до една парадоксална ситуација, за да се чувствуваме посигурно потребно нѝ е да се чувствуваме поврзани, а не осамени и изолирани, но со ваквите јазови тоа се оневозможува.
И тука може да видиме колку деструктивни се ваквите поделби во овие моменти. Оваа колективна ситуација во која сите сме заедно, можеме полесно да ја надминеме, со помали последици доколку успееме да ги зачуваме токму врските. Уште повеќе имаме ситуација во која можеме да зајакнеме врски што ќе придонесат за нашето чувство на безбедност и сигурност.
Важно е да кажам дека стравот и лутината (и било која друга емоција) не се погрешни сами по себе, тие се легитимни реакции на ситуацијата. Важно е колку сме свесни за нив, да ги разбереме и прифатиме за да може да видиме што нѝ овозможуваат како и каде да ја насочиме енегријата“, изјави психотерапевтката Блажева.
Од кои причини луѓето најчесто кријат дека се заболени, посебно во време на пандемии/епидемии? Станува збор за страв од осуда, срам…?
„Во средина во која толку лесно, често и јавно се користат и се присутни нападот и омразата, се создава чувство дека секој што е заразен може да биде нападнат и осуден. Дополнително многу е тешко да се носи чувството на вина и срам не само заради осудата која доаѓа од надвор туку и онаа што самите ја носиме, затоа што без да бидеме свесни или доволно внимателни може да сме изложиле други на опасност што може да биде фатална.
Во средини каде што за сите проблеми се бараат виновници, наместо решение, каде што разбирањето за позицијата на другите е далечно искуство се креира ваква ситуација на двојна осуда и постојано инсистирање и манипулирање со чувството на вина.
Чувството на вина и срамот се погубни за секој човек и справувањето со нив е многу тешко. Механизмите за справување исто така може да вклучуваат прекин на контактот со другите, агресија кон себе и/или кон другите и длабоко нарушување на сликата за себе.
Се надевам учиме дека решавањето и справувањето со проблемите е за сите полесно кога од првичната ситуација „кој е виновен“ се поместиме кон разгледување на опциите што може да се направи, што зависи од мене, како да не повторам некоја/нечија грешка.
Исто така да станеме поблаги и кон себе и кон другите во таа смисла да ги прифатиме грешките како составен дел од животот наместо како единствено нешто на кое ќе се насочиме. Во тешки и кризни ситуации навистина ни треба на сите повеќе разбирање и нежност, за да можеме да се носиме со стравот, неизвесноста и другите реални предизвици“, вели Блажева.
Постои ли причина (несвесност, неодговорност), зошто луѓето не ја почитуваат самоизолацијата и свесно/несвесно доведуваат во опасност туѓи животи? Дали нивната ноншалантност кон реален проблем произлегува од недоволна информираност или се работи за нешто друго?
„Отпорот е исто така составен дел од нашите реакции кога сме во ситуација под притисок. Непочитувањето на мерките може да произлегува и од недоволна свесност за сериозноста на ситуацијата. Но во оваа ситуација со вирусот сериозноста на ситуацијата и мерките исто така отворија широко поле на дискусија.
Прашањето на ограничувањето на слободите и злоупотребата на оваа ранлива ситуација во скусување на одредени права е легитимно. Потоа, прашањето за сериозноста првично треба да се постави кон оние што се најодговорни, а тоа се стручните лица и политичарите, а потоа на крајот зависи од секој поединец.
Како се комуницираат овие информации со луѓето исто така е важно, во смисла дека не може да се очекува сите веднаш и во потполност да ги примат и прифатат и дека зависно од начинот на обраќање зависи и рекацијата. Ограничувањата секогаш предизвикуваат отпор. Затоа пристапот кон воведување мерки на ограничување треба да биде одмерен и наместо како закана и забрана да биде воведуван преку механизми на заштита и грижа.
Од друга страна начинот на комуникација е процес што се гради. Доколку сме научени на владеење преку казни и закани, доколку сме научени да не веруваме на оние што ги носат мерките и политиките тогаш информацијата потешко стасува до сите и може да наиде на дополнителен отпор. Доколку едукацијата и грижата за здравјето на луѓето била на последно место толку долго, а сега сакаме одеднаш да стане приоритет исто е тешко.
И на крајот, ако постојано градиме општество во кое секој треба да гледа единствено за своите интереси и потреби, како ќе може да очекуваме заедница во која се чувствуваме поврзани и сме свесни за нашата поврзаност и одговорни дека од секого зависи што на крај заедно создаваме“, изјави доцент Блажева во интервју за Фронтлајн.мк.
Ивана Терзиевска – Зафировска