Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, соопшти дека општината денес претставува пример за финансиска стабилност и одговорно работење.
„Општина Берово, денес претставува општина без долгови и кредити,“ изјави Пекевски.
Тој потсети дека во минатото општината се соочувала со сериозни финансиски проблеми. „Од состојба со долг од околу 44 милиони денари, празна и блокирана општинска каса, успеавме целосно да ги подмириме обврските и да воспоставиме финансиска стабилност,“ нагласи градоначалникот.
Според него, сите тековни проекти и градежни активности се навремено исплатени, а за планираните инвестиции до крајот на годината веќе се обезбедени средства. „Во моментов, Општина Берово нема долгови, ниту по основ на кредити, ниту по основ на доспеани обврски,“ рече Пекевски.
Тој додаде дека Берово е пример за планско и приоритетно работење: „Со тоа, од блокирана и задолжена, Општина Берово стана пример за одговорно работење – општина без долгови, која гради плански и по приоритети, со јасна визија за развој.“
„Посветено, отчетно и транспарентно за своите граѓани. За Општина Берово. За Берово – најубавиот град,“ порача градоначалникот Пекевски.