Адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп јавно реагираше на Фејсбук за присуството на полициски службеници од Скопје во градот, обвинувајќи дел од нив за непрофесионално однесување.
„Со работава можам да забележам дека постои огромно присуство на полициски службеници во цивил од Скопје. Со чест на исклучоци, најголемиот дел од нив мислат дека тука се дојдени во село, па си дозволуваат така и да се однесуваат, насилнички, застрашувачки и дрско,“ напиша Стеваноски.
Тој додаде дека полицајците од Прилеп изгледаат како придружба на скопските екипи, но „без право на глас“.
Во својата објава адвокатот се прашува кој ќе биде надлежен за извештајот за безбедносната состојба во Прилеп.
„Дали овогодинешниот извештај за безбедносната состојба во Прилеп ќе ја пишуваат Началници и Командири од Скопје или Началников и Командиров од Прилеп?“ праша тој.
Според него, статусот на прилепската полиција е значително намален низ годините. „МВР Прилеп едно време беше СЕКТОР, низ годините стана една обична ПС од општа надлежност, ама преку ваквото однесување очигледно ни за полициска станица не ја бива штом мора да бара ‘технички помагала’ од Скопје,“ пишува Стеваноски.
Тој на крај упати и препорака до скопските полициски службеници:
„На дечките од Скопје топло им препорачувам со себе да си го носат Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и да се држат до него, оти најдобар ортак за секоја работа е знаењето а не курчењето.“
			




