НАСА најави пионерски експеримент кој има за цел да ја однесе персонализираната медицина на ново ниво. Експериментот е дел од стратешкиот план за собирање вредни научни податоци за време на мисијата „Артемис II“, со цел агенцијата да „знае пред да тргнеме“ назад кон Месечината и потоа кон Марс.
Истражувањето, наречено AVATAR (A Virtual Astronaut Tissue Analog Response), ќе користи орган-чипови – минијатурни уреди со човечки клетки кои имитираат функции на органи – за да ги проучи ефектите од радијацијата и микрогравитацијата врз човечкото здравје. Чиповите ќе содржат клетки од астронаутите од „Артемис II“ и ќе патуваат заедно со нив за време на 10-дневното патување околу Месечината.
„AVATAR е визионерски експеримент кој ќе го револуционизира начинот на кој ќе ја развиваме науката, медицината и човечката мултипланетарна експлорација,“ изјави Ники Фокс, заменик-администраторка на Директоратот за научни мисии во седиштето на НАСА.
Органи на чипови – минијатурни аватари за здравјето
Орган-чиповите се со големина на USB-уред и содржат живи човечки клетки кои можат да имитираат специфични функции – да „чукaат“ како срце, да „дишат“ како бели дробови или да метаболизираат како црн дроб. Тие може да се поврзат меѓусебно за да се разбере како телото реагира на стресови или терапии.
Во рамките на „Артемис II“, НАСА ќе користи чипови создадени од клетки на коскена срж на астронаутите. Коскената срж е особено чувствителна на радијација и клучна за имунолошкиот систем, што ја прави идеална за истражување на долготрајните ефекти од престојот во вселената.
Потенцијал и на Земјата
Овој експеримент е резултат на соработка меѓу НАСА, индустриски партнери и други владини агенции. Истражувањата би можеле да придонесат не само за безбедноста на астронаутите на идните мисии кон Месечината и Марс, туку и за унапредување на персонализираната медицина на Земјата – од третман на рак до нови методи во фармакологијата.
„Орган-чиповите можат да ни дадат клучни податоци за заштита на здравјето на астронаутите на долги мисии во длабока вселена,“ додаде Лиза Карнел, директорка на Одделот за биолошки и физички науки на НАСА.
Редакција Фронтлајн




