Кандидатката за градоначалничка на Центар, Билјана Ивановска, ја обвини корупцијата и нефункционалниот систем за трагичниот случај со убиството на Росица, повикувајќи на протест денеска пред Министерството за внатрешни работи.
„Причината за убиството на Росица има име и презиме – неодговорност и корупција. Истрагата мора да покаже што преовладало, дали едното, другото или и двете заедно,“ изјави Ивановска.
Таа посочи дека корупцијата во земјава е длабоко вкоренета и поттикната од политички мрежи. „Корупцијата во Македонија е присутна во сите пори. Заднинските политички мрежи ја хранат и ја прават посилна секој ден,“ нагласи таа.
Според Ивановска, потребна е вистинска граѓанска и политичка волја за промени. „Ако сакаме промена, мора да постои вистинска не само политичка, туку и граѓанска волја за да се спротивставиме. Досега напредокот е минимален, а времето ни бега,“ рече таа.
Ивановска побара од институциите транспарентност во случајот. „Од МВР очекуваме да ѝ кажат на јавноста каде затаи системот во случајот на Росица. Секоја погрешна одлука, секоја погрешна постапка има име и презиме,“ изјави таа.
Протестот, на кој Ивановска повика, ќе се одржи денеска во 17:30 часот пред зградата на МВР.





