Првенецот на македонската анимација „Јон Вардар против Галаксијата“ ја освои наградата за Најдобар долгометражен анимиран филм на 6. издание на Galactic Imaginarium Film Festival во Романија – иновативен фестивал кој ги спојува филмот, литературата и новите технологии во областа на фантастиката.
Ова признание е трето по ред за филмот, по наградите за најдобар долгометражен анимиран филм на Portoviejo International Film Festival во Еквадор и Ariano Film Festival во Италија. Со тоа филмот ја продолжува својата успешна фестивалска кариера и ја афирмира македонската продукција како значаен играч на меѓународната сцена на независна анимација.
-Наградата ја посветувам на сите членови на екипата кои неуморно работеа за да го претворат овој филм во реалност, и на сите оние кои помогнаа во ова историско остварување за македонската кинематографија, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Филмот, кој ја спојува авантуристичката научна фантастика со хумор и сатирични елементи, веќе привлече внимание на триесетина фестивали низ Европа, Јужна Америка и Азија.
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.





