Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во „разгледниците“ што српскиот претседател ги донесе од Пекинг, за што веќе пишував во ЦИВИЛ Медиа, секако стои фактот дека неговиот углед паѓа надолу во очите на оние лидери со кои тој би сакал, ако не да се споредува – тоа би било преамбициозно – туку барем да се сретне на барем еден час во распоредот на лидерите на Кина, Индија или секако Русија.
Пораката е врзана во крпче – да се среди состојбата со т.н. шарена револуција во Србија, па потоа „да се јави на рапорт“ токму во споменатото друштво. Дека е тоа така пред една недела дојде и опомена или потсетување во едно крајно неприфатливо писмо што во меѓународните односи ретко се случува, а само потсетува на времето на Информбирото (1948 година). Имено, тогаш се сметаше за нормално во едно униформирано идеолошко друштво во кое ќе доминира гласот на Хазјаинот. И тој да дава усни упатства како треба да се однесува некоја од божемно суверените држави, а ако дојдеше до тоа да се вработи некој поштар, да имаме писмена опомена, работите се повеќе од сериозни!
Враќање во 1948 година
И сега ја имаме таа релација, иако од таквите времиња, барем за овој простор минале близу девет децении! Дека се работи за многу идентичен модел што го применува една страна (Москва) како во тие времиња и како истиот урнек се повторува врз основа на некакво „наследно право“.
Писмото од Кремљ го потсетува Белград дека не си ги извршил работите, а воедно упатува и порака на трета страна (ЕУ) дека ја извезува т.н. шарена револуција како што тоа го направила во Украина за времето на настаните во Мајдан. Ова последното практично значи изедначување на позицијата на Белград со Кијив од времето на замена на проруски влади со оние кои сакаа да добијат позиција свој на своето.
Во дискусијата за емисијата „Црвена линија“ на Марина Фратуцан, новинарот-ветеран Бошко Јакшиќ вели дека појавата на писмото од Москва е пример за хибридна војна која Кремљ ја води кон Србија, чија власт, инаку, според него, веќе се согласила на тоа да биде зависна од тој центар. Но писмото е наменето и кон ЕУ, бидејќи Брисел се споменува како фактор кој ја оркестрира во целина (!) студентската побуна и има за цел да изврши промена на власта во Белград.
Москва има широк спектар на инструменти за дестабилизирање на позицијата на Унијата секако гледајќи го, пред сѐ, својот интерес во украинскиот конфликт: тоа се нападите на телекомуникациските мрежи, сателитските навигации и низа други тактики. Накусо, од сајбер војна до мешање во изборите во сите демократски политички избори (ние секако не сме изолирани од ова – н.з.). Белград и Бања Лука, според Јакшиќ, се за Русија главна централа за ширење на својот интерес и тоа преку две линии – пансловенството и православието.
Русија, според овој новинар, покажува дека паралелно може да води и конкретна војна во Украина и низа специјални операции, како овие на Западниот Балкан. Ова писмо, според Јакшиќ, е еден вид на охрабрување на проруското избирачко тело пред изборите што мора да се случат во Србија, иако не се знае датумот, Втор мотив за писмото е своевидна кражба на бунтот од редовите на студентите, бидејќи тие, од креатори, се претвораат само во извршители – зад нив стои Брисел со свои планови и се претпоставува – со пари!
Писмото е многу позначајно отколку што тоа се чини, односно, има поголемо значење отколку што кај нас му се даде простор за барем една попристојна анализа! Можниот заклучок би бил дека актуелната власт се смета себе си како верен чувар на вертикалата Будимпешта – Белград – Скопје (би го додале и пристаништето Пиреја како кинеска сопственост, навистина купена за едно евро, ама сеедно, тоа е бедем за продорот на Пекинг кон Европа). Московскиот поштар тука за другите земји од таа вертикала засега не е потребен (пу,пу).
Зголемената суровост на Вучиќ симнува и генералски еполети
Воената парада одржана на 20 септември на просторот наречен Ушќе (устието каде се спојуваат Сава и Дунав) од страна на претседателот Александар Вучиќ, настан за кој „сабјите“ се коваа подолго време е дел од неговата борба да го поврати своето чувство дека владее со ситуацијата со земјата по потресите што започнаа некаде после парламентарните избори во декември 2023 година. Тогаш, да се потсетиме, опозицијата ги оцени како нелегитимни, но силна инерција доби со студентско-средношколскиот бунт после падот на настрешницата на 1 ноември 2024 година. Тогаш чунот на Вучиќевото самовластие почна да се лула до ниво на потценувачки поглед од оние големци во светската политика чие мислење и поддршка му се битни. Па и значајни за опстанокот што тој го гледа исклучиво во друштво со суровите олигарси.
Во неговата борба со последната инфлуенца на јавно неподнесување на стилот на неговото одржување на власт беше 15 март годинава кога тој почувствува потреба да се пресметува со сите оние делови од апаратот што тој го оценуваше како негов а кој секако уставното уредување него третира како такво. Сеедно, неговото вообичаено претерување одеше до таму што тој постави свои цели кои мораа да бидат на отстрел со користење на целиот апарат што му стоеше на располагање. Но, веројатно претходно се запрашал – а на кој тоа апарат можам да се потпрам? Јасно, прво помислил на полицијата и на војската, не сметајќи на оној дел од криминалното подземје кое ја ужива неговата толеранција, да не речам и поддршка. Да се сетиме само на случајот со најголемата „нива“ на Балканот за одгледување на марихуана на Балканот Јовањица.
Соочен со лошото искуство на претходниот владетел со Србија во негов стил (Милошевиќ), кому во клучниот момент за опстанокот му откажа послушност најпрвин полицијата, војската и не сакаше да се вмешува, а криминалците – по долгите преговори, ноќта на 5 октомври 2001 година, со идниот премиер Зоран Ѓинѓиќ – барем привремено го одложија оружјето и не го бранеа Дедиње. (Знаеме и колку, до средината на март 2003 година, кога истите тие го убија Ѓинѓиќ).
Оттаму, во март оваа година, среде бунтот на студентите и со поддршка на другите социјални слоеви, уследи и чистка на армиско-полициските команданти на елитните единици. Имаше ли во тоа последно вадење на генералски еполети само параноја или штабот на семоќниот владетел на сѐ во Србија работел според прецизни инструкции и укажал на неопходноста да се бараат полојални офицери кои би ја штителе неговата апсолутистичка власт?

Молк на сменетите генерали, додека еден од нив не проговори
Кога првиот од „отпишаните“, командантот на 63-та падобранска бригада на српската армија – Ненад Зориќ беше пензиониран, пошироката јавност речиси никогаш не беше информирана. Пензионирањето на вториот командант, Спасое Вулевиќ, оној на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) на Министерството за внатрешни работи, ги даде првите аларми. Според Петар Бошковиќ, поранешен офицер, а сега активист во партијата „Србија Центар“, пензионирањето на третиот командант на 72-та бригада за специјални операции на армијата е пред врата. Сите тројца генерали се на иста возраст, образовани офицери, кои не ги прескокнале пречките во нивниот кариерен напредок. Сепак, последните месеци покажуваат дека сепак дошло време за нивниот отстрел.

Веќе споменатиот Петар Бошковиќ, од едно ТВ студио ја предупреди јавноста дека се подготвува замена на командантот на 72-та бригада за специјални операции на српските вооружени сили – се работи за бригадниот генерал Мирослав Талијан. Доколку тоа се случи, имаме зачудувачки број на пензионирања во рок од шест месеци. Некому му се брза?
Да се потсетиме дека кога беше молкум сменет Ненад Зониќ, на веб-страницата на Министерството за одбрана беше објавено само дека полковникот Александар Ступар е назначен на позицијата командант на 63-та падобранска дивизија. Инаку за Зониќ, роден во 1971 година, „Радар“ напиша дека предавањето на должностите се случило без никаква формална церемонија или испраќање. Споменатиот ја поминал целата своја воена служба, повеќе од три децении, во 63-та падобранска бригада. За оние што не знаат, ова се смета за најелитна единица во старата ЈНА! Тој се приклучил на оваа елитна единица по дипломирањето на Воената академија во 1994 година, следејќи ги стапките на својот постар брат, кој бил убиен додека бил на должност на аеродромот „Земуник“ во близина на Задар, во февруари 1992 година. Годината сама кажува од кого и зошто!
Но кај оваа смена е битно да се каже дека упатените велат дека бил принуден да се пензионира затоа што одбил да се откаже од своите ветерани, но и затоа што одбил да стави елитна единица која ужива углед во јавноста во служба на партија. Се работи за СНС, се разбира.
Црвените беретки главно застанаа во одбрана на студентите
Имено, како што растело студентското движење и протестите станувале сè побројни, присуството на ветерани од 63-та падобранска бригада, со карактеристични црвени беретки на главите, како еден вид физички штит пред студентите, станувало сè повидливо.
Првиот масовен студентски протест се одржал на 22 декември, минатата година, на Плоштадот Славија, а на 29 декември „Политика“ објави интервју со Зониќ. Меѓу другото, новинарот го прашал „што значат неговите резервисти и ветерани за единицата денес“.
Одговорот бил конкретен и јасен. „Резервистите и ветераните на 63-та падобранска бригада остануваат важен дел од нејзината структура и суштински елемент во одржувањето и развојот на традициите на единицата. Иако укинувањето на задолжителната воена служба го намали бројот на регрути што минуваат низ единицата, улогата на резервата и ветераните не ја изгубила својата важност. Резервата е сè уште интегрирана во одбранбениот план. Тие редовно учествуваат во поважни активности и вежби што ги спроведува единицата, каде што докажаа дека поседуваат високо ниво на обука и компетентност. Ветераните на бригадата се докажани чувари на нејзината традиција. Тие се ангажирани во промоцијата на падобранскиот повик, зачувувањето на историјата на единицата преку објавување мемоари и промоцијата на воените вредности во јавноста. Тие се чувари на духот на единицата“, одговори бригадниот генерал.
Тенковите и хеликоптерите подготвени за интервенција на 15 март!
Инаку, на веќе споменатиот 15 март, годинава, кога се одржа голем протест во Белград и кога наводно беше употребено сонарно оружје против граѓаните, беше пресвртница за многумина. „Радар“ напиша дека на 15 март, на аеродромот Батајница беше распоредена 72-та бригада за специјални операции, чиј командант е Мирослав Талијан, за чие пензионирање сега се дискутира. На командата на РВ и ПВО наводно им биле испратени барања за воздушни напади од борбени хеликоптери над градот, но овие воздушни напади не се случиле. И не останало тоа без санкции веднаш – командантот на воздухопловните сили Душко Жарковиќ потоа бил пензиониран наводно по сопствено барање, а веќе на 11 април, на негово место бол назначен генерал-мајор Бране Крњајиќ.

Во јуни годинава, командантот на копнената армија, потполковник Милорад Симовиќ, исто така, молчеливо бил пензиониран предвремено.
И додека смената на раководството во српската армија помина „под радарот“, смената на командантот на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) Спасоје Вулевиќ одекна како бомба. Вулевиќ е првиот и единствен кој јавно проговори за причините за напуштање на службата.
Веста за неговото разрешување стигна до јавноста во неделата, 7 септември, а Вулевиќ за агенцијата Бета истиот ден изјави: „Во четврток беше усвоена нова систематизација, а кога ќе се усвои новата систематизација, мора да се донесат нови одлуки за сите членови на Полициската управа. Прво, дека се носат одлуки за командантите и началниците. Дачиќ и Васиљевиќ ми се јавија и ми рекоа дека не сметаат на мене, бидејќи, како што рекоа, претседателот (Александар Вучиќ) не сака да има вооружена формација која не е под негова апсолутна контрола и дека поради тоа повеќе не можам да бидам командант“.
Тој додаде дека министерот Ивица Дачиќ му понудил позиција на советник, која тој ја одбил. „Размислував за тоа и решив да не ја прифатам таа понуда, решив да се пензионирам предвреме“, изјави Вулевиќ.
Кога сме кај полицијата и тамошниот генерал Богољуб Живковиќ, чиј син учествувал во протестите, беше предвреме пензиониран, забележа Белградскиот центар за безбедносна политика. Од оваа организација го опишуваат овој случај во Дневникот на заробената држава, каде што претставниците на владата систематски ги остваруваат приватните интереси на сметка на јавните.
За волја на вистината, почетокот на овие смени претходно е најавен од самиот Вучиќ. Во 2023 година, по воена вежба на Пасуљанските ливади, претседателот јавно ги навредувал „Италијанците“ (војниците на Талијан) и ги понижувал припадниците на специјалната бригада, барајќи од нив да ја искосат тревата и да го исчистат воениот комплекс.
„О, не, тешко ти е да го исчистиш кругот! Каде е Италијанецот, колку пати го слушнав тоа од Италијанците, милион пати… Зошто да го чистиме кругот? Што ако не го чистиш кругот, бидејќи ти е тешко да чистиш зад себе. Тоа е твој проблем, 15 минути на ден е проблем“, рече Вучиќ во таа пригода. Интересно од неговата биографија е тоа истиот е оженет со ќерката на генералот Небојша Павковиќ.
Кај „Кобрите“ сместен личниот обезбедувач на претседателот!
Да споменеме дека српската армија има уште една единица за специјални намени – познатите „Кобри“. Нејзиното раководство беше променето пред две години, кога полковникот Горан Чолиќ беше заменет од потполковникот Дарко Ѓошиќ, поранешен началник на обезбедувањето на Вучиќ. (потребата за овој вид блискост наместо стручност ни е многу позната и кај нас во сите сфери на власта). Ѓошиќ беше вонредно унапреден во чин потполковник во 2023 година.
„До степен до кој националното незадоволство и бунтот се зголемуваат поради начинот на владеење на Александар Вучиќ, а владата станува позагрозена, ќе се зголеми репресијата врз бунтовниот дел од општеството, а со тоа и инсталирањето и доверувањето на институциите на „проверени лица“, доверливи лојалисти“ – вели поранешниот шеф на Агенцијата за воена безбедност, Момир Стојановиќ.

Стојановиќ истакнува за порталот „Симптом“ дека е особено загрижувачки што со назначувањето исклучиво лојални офицери, не се зема предвид професијата, занимањето, како и моралниот и професионалниот интегритет на институциите, а сè укажува дека ќе има понатамошно распаѓање и слабеење на нивниот углед и влијание во јавноста.
„Кој ги набљудува проблемите во Србија, начинот на владеење, или барем го познава Вучиќ, знае дека целата власт е во негови раце. Во Србија ниту имаме вистински министри, ниту имаме автономна влада, институции и институции – бидејќи сè се одвива според наредбите на еден човек – и сосема е логично да се очекува од него да ја брани власта со сите средства кога е загрозена, што де факто е“, вели Стојановиќ.
„Добро знаејќи ги причините за широко распространетиот сенационален бунт на студентите и граѓаните, тој човек намерно манипулира со јавното мислење, масовно перење мозок врз контролираните режимски медиуми“, нагласува Стојановиќ, кој наведува дека, покрај контролата на медиумската сцена, истовремено се одвива и процесот на „отстранување на несоодветниот персонал“ во образованието, Универзитетот, безбедносно-разузнавачкиот сектор, полицијата и армијата.
Смени под радарот на јавноста
Потоа Стојановиќ истакнува дека веста за пензионирањето на командантот на 63-та падобранска бригада на српската армија, генерал Зониќ, кој „очигледно истакна дека оваа единица не може да се злоупотребува, односно не може да се користи против сопствениот народ, поминала под радарот на јавноста“.
Дополнително, додаде тој, назначувањето и доаѓањето на Ѓуро Јованиќ на позицијата директор на ВБА поминало незабележано пред некое време, како и фактот дека пред еден или два месеци човек од ВБА бил назначен на позицијата шеф на Воената разузнавачка агенција (ВОА).
„Тоа е преседан од ваков вид, бидејќи не е логично некој од воената контраразузнавачка служба да биде назначен за началник на воената разузнавачка служба, бидејќи станува збор за сосема различни функции“, изјави Стојановиќ, набројувајќи ги случаите што му претходеа на „случајот Вулевиќ“.

Прогласување на студентите за терористи
Последните месеци се „примери за адаптација“, што владејачката Српска напредна партија го прави веќе 13 години откако е на власт, вели тој.
„Законот за армијата промени неколку работи, па со посебна наредба од министерот за одбрана, припадниците на Кобра и специјалните единици можат да прават нешто во цивилна облека, што значи на домашен терен во посебни околности“, изјави Бошковиќ за Би-Би-Си на српски јазик.
Кога прогресивците и провладините медиуми зборуваат за студентите како за терористи, „тоа не е глупост“, но на тој начин добиваат аргумент за ангажирање на специјалните единици, објаснува тој.
Ангажманот на Кобра во Нови Сад ја покажува желбата на владата да користи специјални единици доколку се процени дека безбедносната ситуација го бара тоа, односно има ескалација на насилството на протестите, додава тој.
Инаку Кобрите се единица на воена полиција со посебна намена.
Оваа единица е директно подредена на началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија и е наменета за безбедносна заштита на одредени лица и објекти од посебно значење, според веб-страницата на вооружените сили на Србија.
Зборувајќи за смената на шефот на Воената разузнавачка агенција, тој вели дека тоа може да биде проблематично, бидејќи тоа го става „ВОА“ под контрола на ВБА.
„Некој со искуство во ВБА нема соодветни квалификации за ВОА, како што се познавање на странски јазици и политички ситуации во регионот или странски земји“, објаснува веќе споменатиот Бошковиќ.
Дали сето ова тој го коментираше претседателот Вучиќ? Да, само во еден случај, кај разрешувањето на Вулевиќ. „Моја е вината. Дури и да не бев за тоа да бидам заменет, сега гледам дека е добро што е заменет, доволно е да ја видите неговата реакција и сѐ ви е јасно“, рече Вучиќ за време на прошетка во Борча. Тоа е инаку едно од оние места во предградијата на Белград каде тој десетина години ги влече за нос граѓаните дека ќе има направи патишта и канализација, додека тие се задушуваат во сопствениот измет!
И би парадата на 20 октомври за која, според Бошковиќ се позајмени шофери за тенковите од наменската индустрија (!) бидејќи од над 270 руски тенкови кои ги има Србија само 60 имаат посада. Армијата во последно време ја напуштиле 18 илјади војници под договор што го натера Вучиќ да размислува гласно за враќање на обврзувачкиот воен рок (додуша, истото го бара и премиерот Пленковиќ во Хрватска!). Едно е реалноста, секако, а друго парадата, според која и потекнува придавката „параден“ како слика за некој поединец кој се перчи.
Претседателот Вучиќ рече дека парадата ја следеле 47 илјади граѓани.
Имало само нешто над 200 „од другите“. Па тие беа оневозможени да пристапат до парадата, ама ретките што се приближија беа поздравени од војската.
Колку за посетеноста на парадата да укажеме дека фолкерката Цеца во секој момент може да собере на истото место, на устието меѓу Сава и Дунав, најмалку 100 илјади гледачи! И да ја следат со часови. Па и да платат не така евтини влезници. Навистина, последниот концерт, оној закажан за Видовден ѝ го забранија. Да нема споредби. Мислел некој во врвот на државата уште тогаш дека било чија слава треба да стане негова! Не испаднало сосема така.
Преземено: Цивил Медиа