Кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, денеска објави дека добил поддршка од Здружението на пензионери на Општина Центар, со кои остварил средба на која било разговарано за нивните проблемите и очекувања од следниот градоначалник во општината.
Но оваа негова информација, експресно ја демантираше претседателот на здружението Злате Стефановски кој информираше дека, ниту кандидатот Лабудовиќ добил поддршка, ниту пак била остварена средба.
“Во еден ваш напис имате објавено дека кандидат за претстојните локални избори Мирослав Лабудовиќ оствари средба со Здружение на пензионери од Општина Центар каде добил „поддршка“. Сакам да го демантирам тој дел од изјавата како претседател на Здружението на пензионерите од Центар. Таква средба ниту е барана, ниту е остварена. Ве молам да го објавите демантот што поскоро“, стои во демантот на Здружението на пензионери од Општина Центар, потпишан од претседателот Злате Стефановски.
Општина Центар изминатите години ја зголеми поддршката за пензионерите на сите нивоа. Пензионерите од Центар добиваат домашна нега од физиотерапевти и негуватели три пати во неделата по два часа, бесплатен превоз со здравствена установа, еднократна финансиска помош, бесплатна еднодневна екскурзија како и бесплатни стоматолошки услуги.
Актуелниот градоначалник Горан Герасимовски во својот мандат посветено работеше и на збогатување на социјалниот живот на пензионерите и затоа уште во првата година од мандатот отвори 3 нови пензионерски клуба, а за следниот мандат најави отворање на пензионерски дом и зголемување на еднократната финансиска помош за 5.000 денари.