На денешната конвенција на СДСМ, претседателот на партијата Венко Филипче се обрати и до членството на СДСМ.
„Вие сте темелот на ова движење, нашата меморија и нашата совест. Кога било најтешко, вие ја држевте линијата на демократијата. Вие знаевте дека СДСМ е секогаш правилната опција која е на страна на граѓаните и јавниот интерес. Во оваа кампања сè зависи од вас и вашата енергија, вашата борба, вашата верба дека СДСМ се издигнува. Ве повикувам да ја разбудиме секоја улица, да одиме од маало до маало, од семејство до семејство. Да ја пренесеме нашата искрена порака. Да ја вратиме гордоста што произлегува од работа, пристојност и чесност. Да покажеме дека левицата значи солидарност, дека патриотизмот е грижа за човекот покрај нас, дека државноста е дисциплина и ред. Да им покажеме дека искрено се бориме за нашиот дом и нема да направиме ниту еден чекор назад“ порача тој.
Филипе испрати порака и до разочараните членови но и до оние кои се двоумат дали да излезат на гласање, потенцирајќи дека е важно да се излезе на претстојните избори
„Да се биде социјалдемократ не значи да се биде совршен, туку да се има храброст да се исправат сопствените грешки. Признаваме дека не секогаш бевме она што граѓаните очекуваа. Но без силен СДСМ, единствената надеж дека Македонија може да биде правична, човечна, демократска држава со јасна перспектива напред, едноставно пропаѓа. Затоа научивме дека борбата е за вредности, борбата е за нашите идеали, борбата е да ја исправиме партијата на нозе за да им служи на граѓаните. Апстиненцијата на изборите не е казна за СДСМ, тоа е награда за ВМРО-ДПМНЕ да владее без контрола, арогантно, да гази по правата, да партизира се и сешто. Кога не гласаме, им ја препуштаме државата на оние кои докажаа дека мислат само на себе. Ако ви е важна иднината на вашите деца, ако ви е важно државата да не стане сопственост на Христијан Мицкоски и луѓето околу него, ако верувате дека Македонија има шанса, дека Македонија има иднина, ако верувате дека мора да изберете луѓе кои се чесни, приземни, тогаш дајте ја поддршката. Нашите кандидати таа поддршка нема да ја изневерат“ истакна лидерот на СДСМ.