Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата има информации за тоа каде Иран складира околу 400 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е близу до нивото потребно за нуклеарно оружје, јави ДПА.
– Сосема добро знаеме каде се наоѓа. Имаме прилично јасна претстава за неговата локација, изјави Нетанјаху за американската телевизија „Фокс њуз“, додавајќи дека информацијата е споделена со САД.
Според извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), на почетокот на летото Иран поседувал над 400 килограми ураниум збогатен до 60 отсто. За нуклеарно оружје потребно е збогатување над 90 отсто. Не е јасно колку од тој материјал е сочуван по израелските и американските напади во јуни.
Иран негира дека има намера да развива нуклеарно оружје. Нетанјаху не одговори директно на прашањето дали Израел планира да го конфискува ураниумот, но нагласи дека е потребно дипломатски и економски притисок врз Иран за да се спречат неговите амбиции.
По речиси една деценија од историскиот нуклеарен договор со Иран, санкциите на ООН повторно стапија во сила во неделата, по истекот на рокот. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги отфрли преговорите за нуклеарната програма на земјата, тврдејќи дека тие би донеле „нови проблеми“.