Италијанската премиерка Џорџа Мелони ѝ наложи на флотилата што плови кон Газа да запре, велејќи дека најновиот обид на активистите да достават помош ризикува да го попречи американскиот план за завршување на војната, пренесува Би-би-си.
Повеќе од 40 бродови што пловат во Глобалната флотила Сумуд (GSF) беа придружувани од италијанска поморска фрегата, за која италијанските власти рекоа дека ќе застане откако флотилата ќе биде на 150 наутички милји (278 км) од брегот на Газа.
Кратко по достигнувањето на таа точка во среда, GSF соопшти дека е во „висока готовност“ и дека активноста на беспилотните летала „се зголемува“ над флотилата.
Мелони рече дека предлогот на САД предизвикал „надеж“ за завршување на војната меѓу Израел и Хамас, додавајќи дека тоа е „кревка рамнотежа, која многумина би биле среќни да ја уништат“.
„Се плашам дека обидот на флотилата да ја пробие израелската поморска блокада би можел да послужи како изговор за тоа“, рече Мелони.
Израел ѝ наложи на флотилата наместо тоа да ја достави хуманитарната помош во израелско пристаниште, според новинската агенција АФП.
Флотилата се состои од повеќе од 500 луѓе, вклучувајќи ги италијански политичари и шведската активистка за климатски промени Грета Тунберг, која во во интервју за Би-Би-Си во неделата, во одговор на критиките дека флотилата е публицитет, рече:
„Не мислам дека некој би го ризикувал својот живот за публицитет“.
Во серија објави на Телеграм рано наутро во среда, GSF соопшти дека сега влегле во областа „каде што претходните флотили биле нападнати и/или пресретнати“.
Додаде дека се подготвиле за евентуално пресретнување откако неколку неидентификувани бродови, некои без светла, се приближиле до флотилата. Неидентификуваните бродови оттогаш заминале.
Италијанските власти ја повикаа флотилата да прифати компромис и да ја остави помошта на Кипар за да избегне конфронтација со Израел.
„Секој друг избор ризикува да стане изговор за спречување на мирот, поттикнување конфликт и со тоа да влијае пред сè на луѓето во Газа“, рече Мелони.
Но, во соопштението, Глобалната флотила Сумуд изјави дека ќе продолжи да плови.
Мировниот план на САД за Газа предлага моментален крај на борбите, ослободување во рок од 72 часа на 20 живи израелски заложници што ги држи Хамас, како и на останките од повеќе од дваесет заложници за кои се верува дека се мртви – во замена за стотици притворени жители на Газа.
Преземено: Цивил Медиа