Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ги презентираше конкретните спортски проекти предвидени во неговата изборна програма, нагласувајќи дека приоритет ќе биде целосната ревитализација на спортската инфраструктура и создавање достапни спортски зони за сите граѓани, се наведува во соопштението од ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.
Османи најави дека најпрво ќе се започне со реконструкција на постојните спортски сали и терени, со цел тие повторно да станат достапни за спортистите и граѓаните на Чаир.
„Спортската сала ‘Енвер Идризи’ во Серова, со сите неопходни подобрувања што ќе овозможат понуда и спортски услуги согласно стандардите. Спортската сала ‘Васил Главинов’, итна интервенција, иако знаете дека ‘Васил Главинов’ е дел од големиот проект на Мишел Ројкинд, кој опфаќа ново училиште, нова градинка, подземен паркинг и детско игралиште“, изјави Османи.
Тој додаде дека следуваат и реконструкции на неколку сали во различни населби на општината.
„Спортската сала ‘Имри Елези’ во населбата Дижонска, целосна реконструкција на сите услуги. Следуваат и ‘Лирија’, во Гази Баба, ‘Шабан Трстена’ и ‘Партизан’“, рече Османи.
Во рамките на спортската програма, предвидена е изградба на нови отворени спортски терени со осветлување во неколку зони на општината, кои досега биле запуштени и небезбедни за децата и жителите.
„Ќе изградиме отворени спортски терени со осветлување во неколку основни училишта. Отворен фудбалски терен во ‘О.У. Тефејјуз’, во Гази Баба, рекреативен простор за кошарка во ‘Хасан Приштина’, комбиниран спортски простор за одбојка и кошарка во основното училиште ‘Исмаил Ќемали’ во Топанско Поле, како и инсталирање на нови спортски реквизити во урбаните населби на Топанско Поле и во Паркот на Чаир“, најави Османи.
Османи посочи дека Чаир моментално располага со четири спортски објекти, од кои ниту еден не е целосно функционален, а два се недостапни за граѓаните бидејќи се дадени под концесија на приватни клубови.
„Два објекти се нефункционални, а другите два се дадени под договор на приватни клубови, па граѓаните не можат да ги користат. Затоа, ‘Партизан’ е еден од најголемите проекти што ќе го реализираме во овој мандат, неговата трансформација во мултифункционален спортски центар, кој веќе го нарекуваме ‘Шабан Сејдиу’, во чест на шампионот што потекнува од Чаир и го претставувал Чаир ширум светот“, изјави Османи.
Во рамките на визијата за современа спортска инфраструктура, Османи најави изградба на нова спортска сала кај Основното училиште „Јашар Бег“ во Дуќанџик, проект што бил најавуван со години, но никогаш не бил реализиран.
„Училиштето, ‘Јашар Бег’ нема спортска сала. Неколку пати се поставувал камен темелник пред избори, но никогаш не започнала изградба. Ова е неопходност и мора да ја направиме реалност изградбата на спортската сала на ‘Јашар Бег’ во Дуќанџик“, нагласи Османи.
Османи најави дека реализацијата на овие проекти ќе биде финансирана преку министерствата, Владата и европски фондови, за што веќе е формиран посебен тим задолжен за подготовка и аплицирање на проектите.
Покрај ревитализација на капацитетите, како дополнителен поттик за вклучување на што поголем број на чаирчани во спортски активности, Османи најави и „Стипендии за млади и талентирани спортисти“, категоризација на спортовите и финансиска помош за подготовки и учество на натпревари од повисоко ниво: балкански, европски и светски шампионати.
„Не заборавајте дека Чаир има создадено светски шампиони, со кои сите се гордееме. Тоа значи дека потенцијалот постои, но општеството, општината и државата се тие што треба да го поттикнат“, истакна Османи.