Панел дискусија на ЦИВИЛ: Интегритетот на изборните процеси и демократската отпорност: Предизвици и решенија
На конференцијата се истражуваат дезинформациите, пропагандата и хибридното војување како директни закани за демократските процеси, поткопување на слободата на медиумите, слабеење на одбраната и безбедноста и загрозување на изборниот интегритет.
Панелисти се: Александар Спасов – редовен професор по правна теорија и филозофија на правото, Бесим Небиу – политички аналитичар и Џабир Дерала – претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Модераторка на панелот е Биљана Јордановска од ЦИВИЛ.
Бесим Небиу – политички аналитичар, ја почна панел дискусијата со една поговорка „Ако проблемот може да се реши со пари, тогаш тоа не е проблем – тоа е трошок“.
„Кога СДСМ е на власт, опозицијата може многу лесно да дојде до власт, за разлика од 2017 година кога промената на власта одеше малку потешко.
Некој што не е дел од четирите големи партии, 2 од македонскиот политички блок и 2 од албанскиот блок, не може да победи на избори, бидејќи досега фактите беа такви.
Ние немаме автентичен стар-тап, некој да победи без претходно да бил дел од некоја партија. Пример таков е случајот со Албин Курти во Косово.
Изборите не се фер, пристапот кон парите, ресурсите, гласачите не е ист за сите.
Има две прашања кога политичарите секогаш се согласуваат, кога се работи за нивниот статус и кога се работи за изборната легислатива.
Во Словачка има партија која има 250 членови, но тие се вистински членови. За разлика кај нас политичка партија има 100.000 членови, тие не се членови тие се вработени, тие се клиенталисти.
Небиу вели дека имаме затворен систем. Тој направи паралела со нови брендови на цигари и политичките партии. Триесетина година нема нови брендови цигари, а нема ни политички партии и идеологии.
„Викањето и дерењето е добар метод повеќе луѓе да ве слушнат… Треба радикално да го отвориме системот сега со гласање на локални избори. На пример во Хрватска 1/3 се независни градоначалници.
Тој вели дека можеби идеално решение е да има отворени листи.
Александар Спасов – редовен професор по правна теорија и филозофија на правото, измените на Изборниот законик е направен со Пржинскиот договор. Тие норми се направени за тогаш, а не тие да траат до денес.
„Со овие локални избори видовме што се случи, целиот процес во Парламентот беше блокиран од инат. Прагот од 1 посто беше преголем за независните кандидатури, особено во Скопје. Потоа видовме дека ДИК беше ставен во улога на законодавец.
Платеното политичко рекламирање беше злоупотребено од власата на Никола Груевски. Но, реформите не се случија, се уште не фер се распределуваат средствата за платено политичкото рекламирање.
Кампањата за локални избори на сè личи освен на кампања за локални теми. Сега кампањата се сведе кој е партиот кој е предавник.
Во албанските партии кампањата се сведе на тоа кој ќе победи политички ќе преживее, а кој ќе изгуби ќе замине во историја. Таквата реторика е играње со оган и може да донесе сериозни инциденти.
Политичките партии треба да седнат да донесат нов Изборен законик заедно со Работната група која беше формирана во рамки на Министерството за правда“, рече Спасов.
Спасов додава дека треба да се внесат нови политички играчи, особено на локално ниво.
„Треба да се направи децентрализација. И најдобриот градоначалник да го имате нема ништо да направи ако зависи од централната власт“.
Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, вели дека нема политичка војла да се смени изборниот модел бидејќи засега ваквиот модел им носи бенефит.
„Имаме разнишана демократија во лулката на демократијата како што е САД. Имаме пропагандни и дезинформациски наративи кои ги доведуваат во целосна заблуда оние кои гласаат, а тие се користат како топовско месо.
Најевтино се инвестира во национализмот, а се добива голем профит. Имаме политичка култура оној што ја добива власта добива се, а оној што губи ќе изгуби се.
Медиумите се слуги на партиските и олигархиските центри на моќ.
На авторитарните режими не им е битно да убедат некој дали е факт или вистина, ним им е битно да предизвикаат недоверба, страв и несигурност. Водат хибридна војна за придобивање на срцата и умовите на луѓето за остварување на нивните цели. Исто така водат кампања да ги одвратат граѓаните од гласање со тоа дека „сите се исти“.
Дерала истакна дека сите независни канидати не се баш независни, кои може да предизвикаат конфузија во изборниот процес.
„Гласачите си ги знаат изборните права, но кога се ставени во позиција да земат 500 денари со кои ќе купат леб, тогаш не вреди тоа дека тие си ги знаат правата, кога државата и системот не им овозможи подобар животен стандард“, рече Дерала.
Тој додаде дека треба постојано да се бара транспарентност од институциите. Треба да се направи дигитална и медиумска писменост на граѓаните. Донаторите треба да му помогнат на истражувачкото новинарство, не на рекетарското новинарство.
Меѓународната конференција „Одбрана на демократијата: Боиште на вистината“, што се одржува во Скопјe од 8 до 10 октомври 2025 година, е организирана од ЦИВИЛ – Центар за слобода. Конференцијата е ко-организирана во партнерство со членовите-основачи на Глобалната иницијатива „Одбрана на демократијата“ – Новиот европски граѓански форум (меѓународен) и Медија дијалог (Германија) – и во соработка со партнерските организации на Вестминстерската алијанса за Украина, вклучувајќи ги Centro Studi Internazionali (Италија) и Здружението Жан Моне (Франција).
Оваа конференција е дел од проектот „Демократски навигатор“, финансиран од Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Дехран Муратов / Цивил Медиа