Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, вчера на својата официјална Фејсбук страница објави дека добил поддршка за втор градоначалнички мандат од еден од најистакнатите офталмолози во земјата, д-р Христијан Дума, поранешен директор на Универзитетската клиника за очни болести. Д-р Дума е признат експерт кој со децении се грижи за здравјето на граѓаните и претставува голем авторитет во областа на офталмологијата.
Во објавата, Герасимовски изрази благодарност за довербата и поддршката од својот пријател, истакнувајќи дека му значи особено многу бидејќи доаѓа од човек кој секојдневно помага и се грижи за нашите сограѓани.
Средбата се одржа по повод Светскиот ден на видот, при што двајцата разговарале за можностите и иницијативите што општината може да ги преземе во насока на унапредување на здравствената заштита. Герасимовски го информирал д-р Дума дека Општина Центар веќе спроведува бесплатни офталмолошки прегледи за децата во градинките, проект кој ќе продолжи и ќе се прошири во неговиот втор мандат.







