Од центарот на Млечниот Пат пристигнува необјасниво сјаење што веќе со децении ги збунува научниците. Новата студија сугерира дека ова дифузно зрачење со гама-зраци можеби потекнува од најголемата космичка тајна — темната материја, или пак од ротирачки неутронски ѕвезди, пишува Индипендент.
Истражувачите од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ направиле карта на распределбата на темната материја во Млечниот Пат. Нивните симулации покажуваат дека во раната фаза на галаксијата, помали системи богати со темна материја се судирале и обединиле во нејзиното јадро — создавајќи услови за интензивни судири меѓу честичките на темната материја. Токму тие судири, според теоријата, можат да создаваат зрачење со карактеристики идентични на она што се набљудува денес.
„Темната материја ја држи вселената заедно. Таа доминира со космосот, а ние очајно бараме начини да ја откриеме,“ изјави професорот по физика и астрономија Џозеф Силк. „Гама-зраците од центарот на нашата галаксија можат да бидат првиот вистински доказ за нејзиното постоење.“
Сепак, постои и друго можно објаснување: стари неутронски ѕвезди – пулсари кои повторно се активирале и емитуваат слично светло. За оваа теорија да биде точна, би требало да има многу повеќе вакви пулсари отколку што досега се забележани, предупредуваат истражувачите.
Тимот сега работи на следната фаза: прецизно мерење на енергијата на гама-зраците. Ако тие имаат повисока енергија, потеклото е веројатно од неутронски ѕвезди; ако е пониска – тогаш сценариото со судири на темна материја станува поверојатно.
„Јасен сигнал би бил вистински доказ“ вели Силк. „Ако тоа се потврди, ќе биде првото директно сведоштво за темната материја – и можеби клучот за разбирање на универзумот.“
Научниците планираат да направат слични симулации и за други галаксии околу Млечниот Пат, со надеж дека споредбата на податоците ќе ја открие вистината зад мистериозното сјаење во срцето на нашата галаксија.
Редакција Фронтлајн