Работничката партија на Курдистан (ПКК) денеска објави дека ги повлекува сите свои сили од Турција во северен Ирак, а воедно ја повика Анкара да преземе „веднаш“ законски мерки за да го спаси мировниот процес што започна пред една година.
„Спроведуваме повлекување на сите наши сили од внатрешноста на Турција“, се вели во соопштението на ПКК прочитано на церемонија во северен Ирак.
Во исто време, движењето објави фотографија на која се прикажани 25 борци, меѓу кои и осум жени, кои веќе се наоѓаат во северен Ирак по повлекувањето од Турција.
Како резултат на индиректните преговори што започнаа во октомври 2024 година, ПКК, која Анкара ја смета за терористичка организација, објави дека се распушта во мај како одговор на повикот за тоа од нејзиниот историски лидер Абдула Оџалан по повеќе од 40 години борба против турските сили.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вели дека насилството убило 50.000 луѓе, вклучувајќи 2.000 војници. Исто така, ја чинеше турската економија милијарди долари.
ПКК, чиј лидер е во затвор од 1999 година, денеска ја повика Турција да преземе неопходни законски мерки за да го продолжи мировниот процес и да им овозможи на нејзините борци и поддржувачи да се интегрираат во политичкиот живот.
Владејачката партија во Турција ги поздрави „конкретните резултати“ од работата на владата за ослободување на земјата од тероризам.
 
			

 



 
 
