Mедиумите сами бараат изјави, и покрај тоа што контактот е целосно сведен на дигитален формат, со алтернативни можности за вклучување во живо. Има и исклучоци од политичарите, со гостувања во живо. Физичкото присуство во медиумските куќи е сведено на минимум, комуникацијата на политичарите најчесто е дигиталната и со алатки за комуникации како што е Зум, истакна националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец, во гостувањето на Телма, одговарајќи на прашањето, зошто во вакви вонредни околности политичарите сепак беа гости во медиумите.
– Во однос на тоа дали политичарите требаше да бидат под некаков посебен третман и дали требаше почесто да се тестираат, Забрчанец истакна дека стандардите, правилата и критериумите важат за сите подеднакво. Тој рече дека вонредна состојба значи ограничиување на движење, но и дека никој не е привилегиран и нема приоритет кога е здравјето во прашање, без разлика на тоа дали има посебни дозволи за движење и дали е на некоја функција.
Марјан Забрчанец посебно истакна дека физичката дистанца не значи социјална дистанца и дека физичка дистанца се наметна како термин и може негативно да влијае.
Владата соработува со сите медиуми, во време на страв и можна паника, неопходна е навремена и точна реакција и информација која ќе пркоси на лажните вести.
Забрчанец рече дека малку е прерано да се дефинираат датуми за тоа кога би се олабавиле мерките и полицискиот час, и дека министерот Филипче само јасно потенцирал дека треба и се подготвуваме за такво нешто.
А. Н. Стојчевски