Една 38-годишна жена е приведена и денеска е обвинета за „учество“, а друг маж е ослободен без обвинение во истрагата за грабежот во музејот Лувр во Париз, што го привлече светското внимание.
Жената била уапсена во средата во парискиот регион заедно со уште четворица осомничени, а обвинета за учество во организирана кражба и заговор за извршување кривично дело и е ставена во притвор, што го побара канцеларијата на парискиот обвинител.
Вториот осомничен вчера е ослободен од притвор без обвинение, изјавија денеска неговите адвокати Софија Бугрин и Ноеми Горин.
Канцеларијата на парискиот обвинител утринава објави дека неколкуте осомничени во истрагата за грабежот, во кој беа украдени експонати во вредност од 88 милиони евра, ќе бидат испрашани од судиите во текот на денот.
„Имаше сослушувања според судските наредби“, изјави канцеларијата на обвинителството, без да го прецизира бројот на осомничени изведени пред судот, јавија француските медиуми.
Меѓу приведените во средата беше и маж за кој се верува дека е член на групата што изврши спектакуларен грабеж за помалку од осум минути на 19 октомври, изјави ден потоа париската обвинителка Лор Беко.
„Трагите од ДНК го поврзаа со грабежот“, рече таа.
Другите уапсени лица „можеби ќе можат да ни дадат информации за тоа како се одвивале овие настани“, додаде обвинителката.
На 25 октомври, двајца мажи на возраст од триесет години веќе беа уапсени, осомничени дека се дел од група од четири члена што го извршила грабежот. Еден од двајцата мажи уапсени на парискиот аеродром планирал да лета за Алжир.
Двајца мажи, на возраст од 34 и 39 години, беа обвинети и приведени во среда навечер.
Обвинителката Беко ја нагласи својата „решителност“, како и решителноста на стотиците истражители вклучени во случајот, да ја пронајдат украдената стока и да ги уапсат сите сторители.
Но, во четвртокот таа потврди дека украдениот накит сè уште недостасува.
Според неа, истражителите копаат во „серија паралелни пазари“ бидејќи е малку веројатно дека украдената стока ќе се појави на легалниот пазар на уметности.
Случајот предизвика обемна дебата и коментари во странство во врска со безбедноста на Лувр, најпосетуваниот уметнички музеј во светот.
Француската министерка за култура Рашида Дати во петокот ги откри првичните резултати од истрагата за безбедноста на музејот.
Таа истакна „хронично, структурно потценување на ризикот од провала и кражба“ од страна на раководството на Лувр, „несоодветна безбедносна опрема“, „несоодветно управување“ и „целосно застарени“ протоколи за реагирање на кражба и провала.
На денот на грабежот, четворицата сторители успеале да паркираат камион со скали за продолжување под прозорецот на музејот, со кои двајца од нив се искачиле во галеријата каде што бил изложен кралскиот накит





