Министрите за надворешни работи од осум земји денеска ќе се состанат во Истанбул за да разговараат за понатамошните чекори кон спроведување на мировниот план за Газа.
Турција вели дека на состанокот ќе учествуваат највисоките дипломати од истите земји со муслиманско мнозинство кои се сретнаа со американскиот претседател Доналд Трамп во Њујорк во септември. Освен Турција, тоа беа Катар, Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Пакистан и Индонезија.
Се очекува дискусиите да се фокусираат на зацврстување на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој започна на 10 октомври, како и на втората фаза од мировниот план на Трамп.
Планот од 20 точки бара Хамас да биде разоружан и исклучен од каква било идна политичка улога во Појасот Газа – две многу спорни прашања. Исто така, предвидува формирање на меѓународни сили за да се помогне во стабилизирањето на безбедноста на палестинската територија.
Турција, која одржува блиски контакти со Хамас, одигра клучна улога во посредувањето во прекинот на огнот. Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во саботата во Истанбул разговараше со членовите на политичкото биро на Хамас за примирјето.
Турција поддржува долгорочно решение за две држави, кое би овозможило мирен соживот меѓу Израел и независна палестинска држава.





