Актерката и режисерка Кристен Стјуарт остро ја осуди состојбата со родовата нееднаквост во филмската индустрија, изјавувајќи дека „Холивуд е во состојба на вонредност“. Настапувајќи на годишниот Chanel Women’s Luncheon 2025, таа зборуваше со искрен гнев за тоа колку е тешко за жените да добијат еднакви можности во режијата и продукцијата.
Режисерскиот првенец The Chronology of Water на Стјуарт ќе има ограничена премиера во декември. Таа ја опиша индустријата како „мизогинистички хор“ низ кој морала да се пробива. „По #MeToo моментот изгледаше дека жените конечно ќе можат да раскажуваат свои приказни без филтер. Но можам да посведочам за борбата со голи раце што ја бара секој кадар“, изјави таа, додавајќи дека темите кои ги отвораат жените авторки често се одбивани како „претемни“ или „табу“.
„Не смеееме да бидеме лути, нели. Но јас можам да го изедам овој пулт со вилушка и нож – толку сум бесна“, рече Стјуарт, говорејќи за „насилството на молкот“ кое ги маргинализира женските гласови. Таа предупреди дека „по краткиот период на напредок, има повторното назадување што е статистички поразително“, посочувајќи дека минатата година само мал број филмови биле режирани од жени.
„Нашиот бизнис е во состојба на вонредност,“ додаде актерката. „Не сум благодарна на момчињата што се преправаат дека сакаат да бидат дел од нашиот круг, додека ни ги цицаат ресурсите и ги потценуваат нашите перспективи.“
Таа заврши со повик кон солидарност: „Оние од нас што имаат среќа да направат филм имаат обврска кон оние што допрва ќе дојдат.“
Според извештај на Центарот за проучување на жените во филмот и телевизијата при Универзитетот Сан Диего, во 2024 година жените сочинувале само 24% од режисерите, сценаристите, продуцентите, уредниците и снимателите во 250-те најуспешни филмови на годината.
Редакција Фронтлајн





