Европската Унија треба да испрати воени инструктори во Украина по завршувањето на војната таму, со цел да ги зајакне украинските сили како дел од западните безбедносни гаранции, изјави за „Ројтерс“ главниот воен советник на ЕУ, пренесува БТА.
Генерал Шон Кленси, претседател на Воениот комитет на ЕУ, рече дека САД ќе останат важни за европската безбедност, дури и додека ЕУ се подготвува да биде способна да се брани до 2030 година. Ирскиот генерал додаде дека НАТО ќе продолжи да обезбедува „цврста сила“ за заштита на Европа, но трансатлантските односи ќе бидат ребалансирани, при што Европејците ќе станат посамостојни.
Напорите на ЕУ во областа на одбраната се поттикнати од руската инвазија во Украина во 2022 година и барањата на американскиот претседател Доналд Трамп Европејците да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност.
Бидејќи војната во Украина не покажува знаци на завршување, западните претставници развиваат повоени планови за поддршка на силите на Кијв и за одвраќање на Русија од повторен напад.
Генерал Кленси смета дека би било „оптимално“ дел од Воената мисија на ЕУ за поддршка на Украина (EUMAM Ukraine) да биде преместен во земјата по војната. Мисијата веќе има обучено над 80.000 војници надвор од Украина.
Генералот истакна дека моќните украински сили би служеле како гаранција за безбедноста на Украина, но и на Европа. Тој нагласи дека Европа може да обезбеди високо ниво на обука и дека преместувањето на дел од обуката во Украина е најдобрата опција.
Високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, во септември изјави дека постои широка поддршка од земјите членки на ЕУ за ваков чекор, но се уште не е донесена конечна одлука. Дипломатите наведуваат дека ова најверојатно ќе зависи од условите на евентуалното примирје или мировниот договор и ќе има потреба од поддршка од сите 27 земји членки на ЕУ.
Кленси ја изрази позицијата на воените началници на земјите членки во дискусиите за одбранбената и безбедносната политика, што вклучува и совети за „Патната карта за одбранбена готовност“, која има за цел Европа до 2030 година да биде подготвена да „убедливо ги одврати своите противници“.





