Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп, ќе биде телевизиски коментатор за МагентаТВ за време на Светското фудбалско првенство кое идната година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, објави телевизискиот канал.
„Навистина сакам да го доживеам ова Светско првенство од експертска перспектива. Во исто време, знам дека овој маратонски турнир ќе донесе свои уникатни предизвици“, рече Клоп.
Германскиот стратег веќе има телевизиско искуство, работејќи со германскиот радиодифузер ЗДФ на Светското првенство во 2006 година и Евро 2008 година.
МагентаТВ претходно објави дека поранешниот германски репрезентативец Томас Милер, кој со Германија го освои Мундијалот во 2014 година, исто така, ќе биде коментатор на натпреварите од СП 2026.
Каналот ќе ги емитува сите 104 натпревари од Светското првенство следната година, а платената услуга за стриминг има ексклузивни права за 44 натпревари.
Клоп ја напушти клупата на Ливерпул минатата година и од почетокот на 2025 е глобален раководител на фудбалскиот сектор за Ред Бул.





