Во белградскaтa населбa Бањица денес околу 12:30 часот се случи тешка сообраќајна несреќа, кога автомобил марка Голф со голема брзина влетал во група пешаци, пренесува nova.rs. Според првичните, неофицијални информации, две жени се повредени и пренесени во болница.
Очевидци велат дека возилото се движело со „многу голема брзина“. Сведок детално ги опиша драматичните моменти:
„Возачот беше доста млад. Автомобилот одеше со голема брзина. Возач на друго возило се обидуваше да направи полукружно вртење и тогаш овој автомобил влета меѓу нас. Тргна право кон мене, успеав да избегам, но удри во друга жена. Таа остана заглавена под автомобилот“, раскажа сведокот.
На местото на несреќата излегле и припадници на војската, бидејќи возилото удрило и во оградата на воен објект.
View this post on Instagram
Сувозачот: Се обидовме да го избегнеме другото возило
Сувозачот од автомобилот кој заврши на тротоарот објасни како, според него, дошло до судирот:
„Другиот автомобил правеше полукружно. Ние мислевме дека ќе поминеме. Тој автомобил излета. За да го избегнеме, слетавме од патот. Тогаш налетавме на тротоарот. Две жени се повредени, но останавме овде. Возачот што вртеше полукружно побегна“, изјави младиот човек.
Полицијата работи на утврдување на причините за несреќата и на идентификација на возачот кој побегнал од местото на настанот.





